Посочи дека многу поголеми и поорганзирани држави од нашата имаат еден или два такви центри, за да се концентрира знаењето на докторите. Тоа зависи и од големината на државата и од бројот на случаи со изгореници на годишно ниво
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска на прес-конференција во Владата рече дека треба да се направи процена дали во државата ни е потребен еден центар за изгореници или е поедноставно да имаме договор за соработка со болниците „Пирогов“ во Софија и „Папаниколау“ во Солун, каде што и досега имало пракса да се испраќаат пациенти на лекување.

Во државата имаме три болници кои имаат одредено искуство со изгореници, како Пластична и Детска хирургија и болницата „Свети Наум Охридски“.
„Не е потребно само да имаме центар за изгореници опремен со техника и кревети, туку е важно да имаме лекарски кадар и хирурзи кој ќе е стручен во областа, но тоа треба да го практикува често, односно секојдневно. Високостручен кадар е да работи соодветен број на случаи годишно. Хирург што тоа не го работи секојдневно, не е специјалист за таа област“,
рече Клековски.
Посочи дека многу поголеми и поорганзирани држави од нашата имаат еден или два такви центри, за да се концентрира знаењето на докторите. Тоа зависи и од големината на државата и од бројот на случаи со изгореници.
„Ако стручната фела каже дека имаме потреба, но тоа повторно ќе биде центар за изгореници со четири легла, зашто ако зборуваме за подобрување за здравство имаме уште многу други точки каде што ни треба подобрување. ВМА во Белград има 20 легла за изгореници. Сепак, мораме да видиме кои се нашите можности и потреби“,
кажа тој.
Затоа, како што рече во овие случаи, како пожарот во Кочани, постојат европски механизми за солидарност, кои се активираат.
„Со несреќи никој не може да се справи сам и поорганизирани и поголеми држави од нашата“,
вели директорот на ФЗО.
Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, рече дека годишно имаме околу 100 случаи на изгореници, што вклучува изгореници од топла вода, од пегла, односно од сите можни причини. Според него, изгореници од пожар е најтешката категорија, зашто покрај изгореници на кожата вклучуваат и респираторни оштетувања.
„Од овие случаи, во последните четири години сме имале 28 случаи, од кои шест биле висок степен на изгореници, односно втор и трет степен, 11 комплицирани случаи со кожен графт, а полесни изгореници со трансплантација имало 11 случаи“,
вели тој.
Во 2024 година имало пет тешки случаи со висок степен на изгореници, од кои со компликации биле три случаи.
Од 2017 година пациенти со изгореници биле испратени на лекување во странство и тоа, еден случај во Белгија, еден во Истанбул и три во „Пирогов“ во Софија.
Во „Пирогов“, како што додаде, сме имале два случаи кои се лекувале таму три години.
Од 2016 година во државата не функционира Центарот за изгореници, кој бил сместен на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје.
Центар за изгореници имало и во ГОБ „8 Септември“, како одделение комбинација од Пластична хирургија и центар за изгореници, кој имал капацитет од 20 кревети. Дел од креветите биле наменети за изгореници како што ги имаат дел од пациентите од пожарот во Кочани. Според тогашните стандарди на Армијата, сите воени болници морале да го имаат овој центар.