Не можете некому да му дарите интегритет како почетна основа на која едукацијата треба да се надогради. Карактерот, личноста на човекот, која се формира уште од млади години, претставува база врз која треба да се надогради она што едукацијата може да го понуди, вели директорката на Академијата и додава дека, сепак, во почетната обука ги има предметите етика и деонтологија
Не можете некому да му дарите интегритет како почетна основа на која треба да се надогради едукацијата, карактерот и личноста се формираат уште од млади години, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“ за тоа дали и колку се работи со кандидатите за судии и обвинители во текот на обуката на прашања поврзани со интегритет.

Габер-Дамјановска вели дека едукацијата што ја прават во Академијата, покрај проверки за стручно знаење, содржи и одредени умешности за водење на процедури и постапки, а во почетната обука има предмети како етика и деонтологија. Воедно, предметот етика е вклучен и во рамки на полагањето на кандидатите.
„Не можете некому да му дарите интегритет како почетна основа на која едукацијата треба да се надогради. Карактерот, личноста на човекот, која се формира уште од млади години, претставува база врз која треба да се надогради она што едукацијата може да го понуди. Академијата не може никому да му дари интегритет“,
вели Габер-Дамјановска.
Дополнително, таа вели дека самата можност некој да биде казнет за непрофесионализам или да се добие дисциплка мерка за некоректно раководење со своите должности, исто така, може да биде некој тип на механизам што треба да се има предвид за да се работи како што треба.

Прашана зошто стручен соработник со подолг стаж во суд или обвинителство не би бил подобар кандидат за иден судија или обвинител отколку некој што ќе заврши Академија, директорката вели дека се согласува дека таа категорија е онеправдена, но, според неа, стажот не може да се земе како единствен репер за квантумот и квалитетот на знаење.
„Морам да кажам дека постоеше еден тип на солидарност меѓу стручните соработници и не се пријавуваа во Академијата сметајќи дека ќе постои некое премостувачко решение во тој период и таа категорија на лица, можам да се согласам дека е онеправдена, но мора да се помине низ процесот на тестирање за да се види какво е тоа знаење и дали некој е прифатлив“,
кажа Габер-Дамјановска.
За тоа колку, на генерално ниво, е квалитетна обуката што кандидатите ја добиваат во Академијата, Габер-Дамјановска вели дека пред неколку години, во соработка со ОБСЕ, било спроведено истражување, според кое, 90 % од анкетираните лица кои работат во правосудството одговориле дека постоењето на Академијата е потребно и дека има висок степен на задоволство од кадрите што излегуваат од неа.