Министерот за надворешни работи и надворешна трговија е гостин во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Категоричното „не“ од македонскиот државниот врв за прием на одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство, нема да влијае на спроведувањето на најавените инфраструктурни проекти, како, на пример, оној за „брза пруга“, вели министерот на надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Шефот на дипломатијата вели дека договорот „влада со влада“ кој С Македонија го потпиша со Велика Британија е комплексен по неговата содржина и има одредени аспекти каде што во моментот, товарот на исполнување на обврските повеќе лежи на наша страна. Сепак, додава Муцунски, сите институции во државата се максимално фокусирани на реализацијата и од гледна точка на поврзувањето, инфраструктурно и енергетско, брзата пруга ја вбројува во „топ 3“ проекти на коишто е фокусирана Владата.
„360 степени“: Зошто се измести првичната најава од тоа дека оваа есен веќе ќе гледаме активности на терен кон тоа дека тоа најверојатно ќе се случи идната есен, во делот на брзата пруга?
Муцунски: Најконкретниот одговор ќе ви го дадат во Министерството за транспорт. Но, тоа што барем јас го знам, бидејќи ние често дискутираме за овој проект – не само на седница на Влада туку и во рамките на неформалните разговори коишто ги имаме – е дека за да се реализира овој проект, којшто е навистина комплексен, голем по обем, бара активирање огромен број економски оператори, не само од државата туку и надвор од државата… Има потреба за остварување на одредени предуслови коишто се поврзани, од една гледна точка – да го упростиме тоа за граѓаните – поврзани со самата изведба, односно одредени студии коишто треба да се реализираат пред да дојдеме до изведбата. И втор аспект – комплексноста на решавањето на прашањето по однос на финансирањето на проектот.
„360 степени“: Не е спорно тоа, повеќе е спорно кој не го знаеше тоа кога првично излезе со изјави дека толку брзо ќе оди сето тоа со брзата пруга?
Муцунски: Видете, ние како луѓе, на почетокот на емисијата го спомнавме терминот амбиција. И во оваа влада гледате огромен број министри, огромно мнозинство министри, коишто имаат многу висок степен на амбиција. Сакаме да го направиме најдоброто во нашите ресори.
На новинарска констатација дека притоа не смее да има волунтаризам, Муцунски одговара:
„Се согласувам и со тоа. Но, некогаш се појавуваат објективни пречки во нашето работење. Се случува и јас во текот на моето работење да мислам дека нешто ќе реализирам побрзо, но некогаш процесите не зависат единствено од нас. Тоа што е сигурно и во коешто граѓаните треба да бидат уверени, а коешто го гледаме преку реализацијата на овој договор, е дека брзата пруга ќе биде проект којшто Владата ќе го реализира“.
