Јас се водам од државниот и националниот интерес, а ова бара, како премиер на Косово, да зборувам со сите, без да исклучам никого, вели Албин Курти во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат
По изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека контактите и средбите со официјална Приштина не се на потребното ниво, косовскиот премиер Албин Курти, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека секогаш има простор за поголема комуникација. Тој се надева на нова заедничка владина седница оваа година.
„Секако дека постои простор за уште повеќе средби и комуникации, така што, јас верувам дека и во 2023 година ќе имаме заедничка меѓувладина седница за да видиме колку сме спровеле од досегашните договори и какви нови договори можеме да имаме. Во оваа насока, јас посебно би го нагласил патниот инфраструктурен проект Призрен – Тетово кој е многу важен, исто така да имаме и гранични премини на кои нема да се чека и кои ќе бидат заедно интегрирани“,
вели Курти.

На последните парламентарни избори во Северна Македонија Курти ја подржа Алијанса за Албанците со која тогаш раководеше Зијадин Села, но во последниов период тој се зближува со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и покрај прислушуваните разговори од кои се слушна дека интегративците немаа добри зборови за него. Соочен во интервјуто со овој факт, Курти одговара дека комуницира со сите и дека се води од државниот и националниот интерес.
360°: Дали го сменивте партнерот во Македонија и дали им простивте (на ДУИ, н.з.) за тоа што го кажале?
Курти: Јас се водам од државниот и националниот интерес, а ова бара, како премиер на Косово, да зборувам со сите, без да исклучам никого. Јас имам средби, разговори и соработка со сите и така ќе остане и понатаму. Јас им честитам на Албанците општо за последните избори на кои успеаја да имаат 33 пратеници во Собранието на Северна Македонија, а тоа е најголема бројка на пратеници што некогаш ја имале. И со тоа несомнено дека докажале дека придонесуваат за западната, демократска и прогресивна ориентација на државата Северна Македонија во ова многу тешко време, со многу кризи од која, секако, најголемата е таа која е предизвикана од руската воена агресија и инвазија предводена од претседателот деспот Путин врз Украина, за која ние изразивме солидарност и наша симпатија. Затоа и посакуваме победа во нејзината ослободителна борба.
Интервјуто со Курти е во пресрет на утрешната негова средба во Охрид со српскиот претседател Александар Вучиќ во присуство на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
*ПОВЕЌЕ ВЕСТИ ОД ГОСТУВАЊЕТО НА КУРТИ ВО „360 СТЕПЕНИ“:
Пред утрешната средба со Вучиќ, Курти препознава симболика во Охрид и Преспа
Одам во Охрид со добра волја и верба, но не можам да гарантирам за другата страна – вели Албин Курти
Курти за ЗСО: Србија сака кафе без филџан
Курти за косовското искуство со „Бехтел и Енка“: Имаше надуени цени и нетранспарентност
*ДРУГИ ПОВРЗАНИ ВЕСТИ СО УТРЕШНАТА СРЕДБА ВО ОХРИД:
(ВИДЕО) Со какви очекувања Борел отпатува за Охрид: Сите очи се вперени таму
Вучиќ во пресрет на средбата со Курти: Не планирам ништо да потпишам
(ФОТО+ВИДЕО) И Ескобар пристигна во Охрид за средбата меѓу Вучиќ и Курти
Собир на десничарите во Белград пред доаѓањето на Вучиќ во Охрид: „Не капитулирај“