Министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, гостува во „360 степени“ на МРТ 1

Еден од аргументите што Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го користи кога го брани барањето за зголемување на минималната плата над законски предвиденото усогласување во март, е износот за кој би пораснале платите на избраните и именуваните лица веќе за месец февруари.
Според пресметките, минималната плата која сега изнесува 397 евра, согласно законски предвидената методологија, треба да порасне за околу 25-26 евра нето, а платите на функционерите, согласно системот на коефициенти кои се множат со просечната плата за изминатата година, би се зголемиле меѓу 200 и 300 евра нето.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана дали ќе „рипнат“ платите на функционерите овој месец, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не дава конкретен одговор.
„Јас немам таква информација дали ќе се случи или не. На Влада не е ништо дискутирано, не сум ресорен министер одговорен за платите на функционерите и ќе Ве замолам ова прашање да го упатите до ресорното министерство“,
рече министерката.
На дополнителното прашање дали има личен став за ова, министерката вели:
„Не би одговарала сега за лични ставови бидејќи многу пати во минатото коментарите околу моите лични ставови биле злоупотребувани и сега не би сакала да одговарам. Затоа што, што и да кажам, секако ќе се злоупотреби“.
Неофицијално, власта подготвува измени на Законот за плати и други надоместоци на избраните и именуваните лица со кои би се намалиле коефицинетите, за платите на функционерите, во услови на раст на просечната плата, да останат на актуелното ниво.
