Изјавата на премиерот Мицкоски во која тој ја навести можноста атрактивното земјиштето кај скопската касарната „Илинден“ да го добие инвеститор од Обединетите Арапски Емирати, го отвора прашањето на каков начин државата би го отстапила тој простор
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“, вели дека никому нема ништо да му се подари туку дека државното земјиште ќе се продава на јавна лицитација со однапред зададени параметри што треба да се гради

360°: Еден од сегментите од интервјуто на премиерот Мицкоски дадено пред неколку дена за поткастот „Каде се парите“ што ми остави можеби најголем впечаток, е најавата дека инвеститор од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) би градел на локација близу касарната „Илинден“ во Скопје и, вели премиерот, ќе го цитирам, „тоа ќе биде лендмарк не само за Скопје и Македонија туку и за регионот“. Дали е тоа најава за нашиот „Белград на вода“?
Александар Николоски: Не, мислам дека е многу различно, Скопје има своја специфика, но дефинитивно, мислам дека Скопје како модерен град заслужува да добие белег и на 21. век. Такви белези нема во моментов – од една страна, а од друга страна, мислам дека, со исклучок на неколку објекти, недостасуваат добри објекти за канцеларии. Бизнисот во Скопје веќе толку се развиваа што недостасуваат канцеларии и стана луксуз за фирми веќе да изнајмуваат простор за канцеларија, од една страна. Од друга страна, фалат добри хотелски брендови и фали она што кај нас пежоративно се нарекува апартмани – тоа не се апартмани, тоа е времено домување, во смисла дека луѓе живеат на одредена локација три, шест месеци, па и до година дена.

360°: Е тоа би било инвестиција на инвеститор од Обединетите Арапски Емирати?
Александар Николоски: Да, тоа е нешто што фали. Затоа што кај нас во моментот се се сведува на продавање на станови кои би биле трајно решение за некого или на станови коишто стануваат канцеларии, а кои на хартија се станови, но во суштина се канцеларии и не го решаваат проблемот на фирмите. Мислам дека еден таков комплекс му треба на Скопје и, секако, тоа да изгледа убаво и да можеме и на разгледница утре да го ставиме.
360°: Ова ќе си биде инвестиција на тој инвеститор?
Александар Николоски: Да, тоа е веќе приватна инвестиција.
360°: Тоа е веројатно дел од некој поширок пакет што го преговорате?
Александар Николоски: Да.
360°: Бидејќи станува збор за државно земјиште, тогаш дали државата ќе треба да му го отстапи земјиштето на инвеститорот?
Александар Николоски: Не, не би го отстапувале на никого, туку би го дале потенцијално на лицитација, да се натпреваруваат инвеститори, значи да го купат. Можеби од Швајцарија ќе дојде инвеститор, ќе го купи тој, но со зададени параметри што треба таму да се случи и како тоа треба да изгледа. Значи, претходно би имало евентуално конкурс за архитектонско решение, тоа архитектонско решение би и се претставило на јавноста, секако доколку јавноста го прифати, и после тоа земјиштето би одело на лицитација и земјиштето би се продало.
360°: Дали логиката е дека вие на некој од Обединетите Арапски Емирати ќе му го дадете тоа таму земјиште да гради тој комплекс, а за возраст ќе добиете евтини пари за, да речам, Чебрен и Галиште?
Александар Николоски: Не, не. Значи, ние нити на инвеститор од таму, нити на инвеститор од Швајцарија, и да сакаме, еве теоретски да донесеме таква политичка одлука, не можеме ништо да поклониме зашто нашите закони тоа не го дозволуваат и добро е што тоа не го дозволуваат. Јасна е процедурата дека мора да оди на лицитација кое било државно земјиште.