Српскиот министер за одбрана, Небојша Стефановиќ, истакна дека Киев шири лажна информација дека неговата земја регрутира војници кои би им помогнале на руските воени сили во Украина
Српските државјани кои војувале во Украина од 2014 година најчесто добивале условни казни поради тоа по враќањето во земјата. Денеска податоци за српски доброволци речиси и да нема, за разлика од периодот кога со тоа дури и јавно го прикажувале на социјалните мрежи, пишува Н1.
Воената кариера на Радомир Почуче во Украина во 2014 година била една од наjвидливите во српските медиуми и на социјалните мрежи. Поради учество во војна тој е осуден на условна казна во 2016 година.
Под истрага во 2018 година бил и Братислав Живковиќ поради сомненија дека организирал учество на други лица во странски воени зони.
„Дојче Веле“ пишува дека во војната е вклучен српски војник Дејан Бериќ, кој се претставувал како снајперист, но дека во текот на изминатите неколку денови не бил активен на социјалните мрежи.
„Никој сега нема интерес да признае на телевизија или да се зборува за нив, бидејќи при враќањето во земјата би требало да се соочат со затворска казна. Секоја војска традиционално избегнува да прими луѓе од страна. Русите ги испраќаат своите војници да се борат на терен и на нив во овој момент секој нов војник од друга држава би им претставувал товар“,
истакнал Александар Радиќ, воен аналитичар, пишува Н1.
Српскиот претседател пак, Александар Вучиќ, беше дециден кога пред неколку дена изјави дека „секој кој ќе учествува во каков било конфликт кој не значи одбрана на територијалниот интегритет на Србија ќе биде најстрого казнет“.
Според податоците на Радио Слободна Европа, за учество во војната во Украина на страната на проруските сили во периодот од 2015 до 2018 година во Србија се донесени 32 осудувачки пресуди, кои сепак најчесто биле поблаги.
Едно лице во 2021 година било осудено и поради организирање на учество на војници во војната во Украина, а казната била шест месеци домашен притвор.
„Мислам дека поминавме доста лошо во војните на просториите на поранешна Југославија, апсолутно треба да се забрани учество на наши војници во Украина и тоа да се контролира преку Министерството за внатрешни работи“,
изјавил Петар Бошковиќ, пензиониран капетан на борбен брод.
Кремљпорано соопшти дека Москва ќе прими повеќе од 16 000 барања од странство, односно дека во Донбас би можеле да бидат испратени доброволци од Блискиот Исток.
Сепак, кога станува збор за војници од Србија, Тамошниот министер за одбрана, Небојша Стефановиќ, истакна дека Киев шири лажна информација дека неговата земја регрутира војници кои би им помогнале на руските воени сили во Украина, пренесува РТС.
Стефановиќ тоа го оценил како опасна дезинформација која дошла од Генералштабот на Украина, додавајќи дека бара Киев одма да ја повлече оваа информација.
„Претседателот Вучиќ пред неклку дена уште еднаш потврди дека ќе има најстроги казни за сите кои од Србија евентуално би заминале да се борат во Украина, без разлика на чија страна. Србија се стреми кон мирно решавање на овој конфликт и нема да дозволи на ниту еден начин да се наруши нејзината мировна определба“,
нагласи Стефановиќ.