Двајцата сведоци, полициски инспектори, кои биле присутни на претресот кој бил на 3 декември лани, дента кога Вања и Панче беа најдени мртви, на денешното рочиште, одговарајќи на прашања на Обвинителството и на одбраната, рекоа дека не забележале такво нешто за време на претресот. Обвинетиот Палевски и неговата одбрана вложија приговор на сведочењата на двајцата полицајци со образложение дека се невистинити, односно во спротивност со прибавената документација
Пред исказите на двајцата полицајци, обвинителката формално го извести судијата Ивица Стефановски, кој го води судскиот процес, дека не може да го обезбеди сведокот Гоце Трајковски кој е во бегство
На денешното рочиште од продолжението на судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74- велешанец Панче Жежовски сведочеа двајца полициски инспектори кои биле дел од екипата што вршела претрес во домот на Баже Палевски, брат на првообвинетиот во случајот, Љупчо Палевски-Палчо.
Главното прашање, на кое овие двајца сведоци одговараа, а остави доза на мистерија по завршувањето на рочиштето, е кој вртел на бројот на телефонот на убиеното девојче за време на претресот.
Што кажаа сведоците
Од она што можеше да се разбере од контекстот на прашањата што им беа упатувани на сведоците е дека од телефон на братот на Палевски било вртено на бројот на Вања за време на претресот, но она што денеска остана неодговорно е кој вртел.
Од друга страна, полициските инспектори, одговарајќи на прашања на обвинителството и на одбраната, тврдеа дека додека биле присутни, односно за време на претресот не забележале таква активност.
Имено, претресот за кој стана збор на денешното рочиште се случил во село Глуво, вечерта на 3 декември 2023 година, истиот ден кога беа пронајдени телата на Вања и на Панче.
Како што пред судот изјави првиот сведок, виш полициски инспектор, претресот траел околу два часа, од 20:30 до 22:30 часот. Според неговото сведочење, биле одземени предмети – еден лаптоп, таблет „самсунг“ и еден мобилен телефон „ајфон 6С плус“.
За време на претресот во домот на Баже Палевски биле присутни тој, неговата сопруга и неговата мајка.
На прашање на обвинителката која го застапува предметот, Жаклина Крстевска-Јосифовска, дали при претресот бил извршен повик кон телефонскиот број на убиеното девојче, сведокот одговори:
„Немаше такво нешто. Телефоните на сите (од семејството н.з.) беа пред нас на увид на маса. Немаше вртења од телефони. Такво нешто немам забележано.“
По директните прашања на обвинителката, следуваа вкрстените, а нив главно ги постапуваше обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој го праша сведокот дали за време на претресот некој од присутните полициски службеници вртел на бројот на Вања.
Одговорот што го доби беше негативен, односно сведокот остана на тврдењето дека за време на претресот не забележал такво нешто.
Идентични беа и одговорите на вториот сведок, вработен во Единицата за компјутерски криминал, кој рече дека по наредба на началникот бил упатен да им даде техничка асистенција на колегите во врска со евидентирањето на телефоните, читањето на техничките податоци во врска со нив и други стручни детали.
Единствениот повик бил оној на Баже Палевски до својот адвокат кој дошол на местото и бил присутен за време на претресот.
„Од моја страна не е забележано такво нешто. Не сум забележал дали други вртеле. Само Баже Палевски вртеше на својот адвокат, други вртења не сум забележал“,
рече сведокот одговарајќи на прашање на обвинителката, дали од страна на службено лице, кое било дел од екипата што вршела претрес, ѝ било вртено на оштетената Вања Ѓорчевска.
Обвинетиот Палевски при вкрстеното испрашување на вториот сведок праша дали во обвинителството му било кажано дали од некој од одземените телефони било вртено на Вања.
Одговорот повторно беше одречен, а сведокот, одговарајќи на дополнителни прашања од Палевски и одбраната, кажа дека телефоните што ги имале на увид на масата не биле одземени.
Обвинетиот Палевски и неговата одбрана вложија приговор на сведочењата на двајцата полицајци со образложение дека се невистинити, односно во спротивност со прибавената документација.
Палевски во таа насока рече дека ниту неговиот брат ниту неговата мајка не го знаеле бројот на детето и неговата теза беше дека пологично е дека некој од полицајците да свртел на бројот на убиеното девојче за да провери дали можеби се наоѓа во близина на местото каде што се врши претресот.
„Оштетеното дете Вања Ѓорчевска во моментот на претресот е веќе пет дена убиена. Ниту мојот брат ниту мојата мајка имале или знаеле број од детето. Невозможно е да вртеле во моментот кога им се одземени телефони, а истиот податок е наведен во телефонската анализа. Просечно интелигентен човек знае дека полиција кога ќе влезе да врши претрес ѕвони на бројот на исчезнатото лице за случајно да не заѕвони бројот. Од обвинителството ниеднаш не го прашаа брат ми зошто е вртено на бројот на Вања од неговиот број ниту, пак, го повикаа за сведок“,
рече Палевски.
Сведокот Гоце Трајковски и понатаму е недостапен
Пред исказите на двајцата полицајци, обвинителката формално го извести судијата Ивица Стефановски, кој го води судскиот процес, дека не може да го обезбеди сведокот Гоце Трајковски.
„Во однос на сведокот Гоце Трајковски, обвинителството не може да го обезбеди. Од Министерството за внатрешни работи нè известија дека тој не престојува на неговата адреса според патната исправа која не е менувана и не им е достапен на органите на прогонот“,
рече обвинителката.
Инаку, Гоце Трајковски, кој е еден од клучните сведоци во случајот за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода и се наоѓа во бегство. Ова беше соопштено минатата недела на брифинг во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, водел паралелна истрага по исчезнувањето на девојчето, прибирајќи и прегледувајќи снимки од камери, за овие активности првично требаше да сведочи на рочиштето за предметот што се одржа на 15 ноември.
Но, тој тогаш не се појави, а оправдувањето беше дека имал паничен напад и висок притисок.
Два дена пред овој датум, Трајковски, според скопското Основно јавно обвинителство, учествувал во опожарување на угостителски објект лоциран во станбен објект во кој имало станари.
Инаку, Трајковски е син на поранешната директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска, која на 15 декември сведочеше во судот во рамките на истиот предмет. Трајковска пред судот тогаш кажа дека нејзиното семејство е во стара кумовска врска со семејството на Александар Ѓорчевски и затоа побарала од нејзиниот син да помогне во потрагата по девојчето.
Во врска со известувањето на обвинителство за недостапноста на Трајковски, бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегџиќ, побара Обвинителството да се произнесе дали ќе бара се прочита неговиот исказ даден во истрага.
На ова судијата Ивица Стефановски кажа дека ќе направи обид сведокот да се обезбеди, а доколку тоа не се случи дополнително ќе одлучи што понатаму.
За грабнувањата и убиствата на малолетното девојче и велешанецот, покрај Љупчо Палевски-Палчо, како соизвршители обвинетите се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, се товари за помагање. Сите петмина на првото рочиште се изјаснија за невини во однос на делата кои им се ставаат на товар.
Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27, односно на 24 декември, минатата година, а неколку дена подоцна, на 3 декември беа пронајдени мртви во близина на Скопје, односно Велес.
Следното рочиште од судскиот процес е закажано за в петок, 20 декември кога, како што најави судијата Стефановски денеска, ќе се изведуваат материјални докази.