Нивните информации, според Манасиевски, говорат дека поранешни активисти и големи поддржувачи на СДСМ ги одбиле понудите за функции во партијата оти не го сметаат Филипче за нивен претставник
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција прашаа дали е точно дека лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, по завршување на локалните избори има проблем да формира ново раководство оти и големи поддржувачи на партијата му одбиваат функции.

Оттаму велат дека нивните информации говорат дека поранешни активисти и големи поддржувачи на СДСМ ги одбиле понудите за функции во партијата оти не го сметаат Филипче за нивен претставник.
„Измина една недела од изборниот дебакл на Филипче и СДС, со кој спаднаа на 120 илјади гласови и се трета политичка партија во Македонија и петта во Скопје. Иако по овој пораз Филипче најави реформи и кадровски промени во партијата, сепак такво нешто јавно сè уште нема“,
рече на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, СДСМ важеше за партија со историја, кредибилитет и квалитетен кадар, но она што поранешните лидери, како Заев и Ковачевски, но и сегашниот Филипче ѝ го направиле се должи на нивната ароганција и сторени предавства.
„Итни реформи во СДС и оставка на Филипче. На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна силна опозиција, а не партија без кредибилитет на чело со Венко Филипче“,
кажа тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ и по првиот и по вториот круг од локалните избори речиси секојдневно објавуваат соопштенија со барања од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, итно да си поднесе оставка.
Сметаат дека претседателот на социјалдемократите заедно со експретседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, се главни виновници за лошиот резултат на оваа партија на локалните избори.
Сепак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, пред три дена не сакаше да одговори на новинарско прашање дали смета дека е потребна промена на лидерската позиција во опозицискиот СДСМ, наведувајќи дека тоа е внатрешна работа на политичките партии.
Лидерот на СДСМ најави кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на вториот круг од локалните избори.
„Очигледно е дека е потребно, особено во тие општини каде не го постигнавме посакуваниот резултат. Во тој контекст, најавувам политичко-кадровски промени во раководството по изборите, за што ќе бидете известени“,
кажа тој.
