„Венко Филипче по сè изгледа е задоволен од целата ситуација и сака да го донесе СДС до ниво на статистичка грешка“, велат од владејачката партија, оценувајќи ја состојбата во опозицискиот СДСМ
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција прашаа дали е точно дека познат доктор и ексградоначалник одбил функција во раководството на Социјалдемократскиот сојуз (СДС), бидејќи не го смета лидерот на партијата, Венко Филипче за релевантен политичар.
Оваа информација, како што на денешната прес-конференција соопшти Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ја добиле од извори во седиштето на СДСМ на „Бихаќка“.

Ова следи откако пред два дена од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Филипче по завршувањето на локалните избори има проблем да формира ново раководство оти и големи поддржувачи на партијата му одбиваат функции.
„Дека Филипче има проблеми со консолидација и зачувување на онака малото членство, говори и фактот што поранешни активисти, но и функционери и поддржувачи на СДС, јавно не се поистоветуваат со Филипче и со партијата или, пак, не даваат поддршка на политиките и бараат одговорност во рамките на нејзниното раководство“,
вели Манасиевски.
Според него, сите бараат реформи во СДСМ, но и оставка од нејзиниот лидер, а само нему таа реалност не му одговара.
„Венко Филипче по сè изгледа е задоволен од целата ситуација и сака да го донесе СДС до ниво на статистичка грешка“,
кажа тој.
Посочи дека по катастрофалниот резултат на локалните избори, на кои освоија 120 илјади гласови и градоначалници во само шест општини, СДСМ се наоѓа во тежок политички нокдаун. Процесот на консолидација на партијата, како што додаде, никако не му поаѓа од рака на Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ и по првиот и по вториот круг од локалните избори речиси секојдневно објавуваат соопштенија со барања од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, итно да си поднесе оставка.
Сметаат дека претседателот на социјалдемократите заедно со експретседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, се главни виновници за лошиот резултат на оваа партија на локалните избори.
Лидерот на СДСМ најави кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на вториот круг од локалните избори.
