„Вчера беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бектеши, кој и понатаму останува во притвор, личност која одамна е цел на политичка одмазда“, велат од партијата
Информациите дека еден јавен обвинител што бил дел од предметот од истрагата за Кочани се повлекол поради несогласувањата околу квалификација на делото, трпејќи политички притисоци од страна на партии во Владата, треба да биде аларм за целото општество. Ова е денешната реакција од Демократската унија за интеграција (ДУИ) за начинот на кој се води истрагата во Кочани, посочувајќи дека го следат начинот на кој институциите работат на процесот, особено поради наводи за јасен политички притисок, со намера вината да се префрли кај други, за да се заштитат сопствените луѓе од власта.

„Вчера беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бектеши, кој и понатаму останува во притвор, личност која одамна е цел на политичка одмазда“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Според партијата, не се работи за индивидуален случај, туку за опасен модел на селективна правда, која станува алатка за политички притисок и елиминација.
Поради тоа, од ДУИ бараат Обвинителството да одговори на три прашања поврзани со случувањата и истрагата за Кочани.
„Дали е вистина дека обвинител се повлекол поради политички водена истрага? Ќе дозволи ли Обвинителството да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата? Кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага?“,
прашуваат до партијата.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека иако увидот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани е формално завршен, и натаму трае процесот на прибирање докази. Вештите лица кои вршат испитувања и анализи за потребите на постапката, по наредба на јавен обвинител преземаат дополнителни дејствија на местото на несреќата со цел темелна проверка и согледување на сите околности при пожарот.
Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи мерки на претпазливост на шестемина полициски службеници за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) претходно ја побара оваа мерка во рамки на проширената истрага за пожарот во Кочани.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени.