„Доколку светот се движи во оваа насока, земјава нема друга опција освен да размислува за регулација“, вели министерот Стефан Андоновски

Иднината на финансискиот сектор се криптовалутите – вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали Владата планира носење регулатива за криптовалути. Според министерот, земјава е соочена со два предизвика во моментов – едниот е да се прифати реалноста и да се признае дека криптовалутите постојат и се тргуваат во Македонија, а другиот е дека преку исполнувањето на целите на Реформската агенда се движи кон Европската Унија и оти треба да се следи регулативата на Унијата.
„Државите што не мораат да го прават тоа, веднаш донесоа регулатива за криптовалутите, додека ние мораме да бидеме внимателни. Иако целосната надлежност за регулација на овој пазар му припаѓа на Министерството за финансии, ќе искоментирам дека нов тренд се т.н. стабилни криптовалути, меѓу кои е и ’тетер’. За ЕУ беше дури и ерес да се зборува минатата година, но оваа година се зборува дека и еврото ќе мора да бара своја стабилна криптовалута со која ќе ја гарантира својата вредност. Дали ќе стигнеме до таму, не сум сигурен, но дека засилени се дискусиите – да, и ние како Влада не би биле сериозни доколку не ги разгледаме“,
вели министерот Андоновски.
Во однос на тоа дали имаат притисок или барања од луѓето со кои разговараат на оваа тема, а се во опкружувањето на американскиот претседател Доналд Трамп, за земјава да исчекори во оваа област, Андоновски вели дека од нив добивале совети во однос на тоа каде се движи светот и какви се размислувањата во развиениот свет.
„Јас поголем притисок чувствувам од граѓаните, кои веќе разменуваат криптовалути, но тоа го прават на нерегулиран начин и се соочени со несигурност дали вистински ќе можат да ги променат тие валути за македонски денар и од нив се чувствува притисок и коментари зошто Владата не оди побрзо во оваа регулација, но треба да сме свесни дека европската регулатива е многу значајна за нас и треба да бидеме многу внимателни“,
вели Андоновски.
Неговото лично мислење, вели министерот, е дека доколку светот се движи во оваа насока, земјава нема друга опција освен да размислува за регулација и оти во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од изборната кампања минатата година се наведува дека тие ќе работат на регулирање на криптосредствата и на легално тргување со криптосредства, и смета дека и кон тоа и ќе се движиме.
Прашан дали поседувањето и тргувањето со криптовалути е легално во земјава, Андоновски одговара дека не е нелегално, затоа што не е забрането со ниту една одредба од ниту еден закон во Македонија, но и не е регулирано.
360°: Можеме ли да бидеме крипто Белизе во Европа ако влеземе во таков процес?
Андоновски: Како кандидат за членка на Европската Унија, која сериозно си ја зема обврската со Реформската агенда, од која многу сериозен дел е реформата на финансискиот сектор, мислам дека нема таква опасност.