Очекуваат Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина да ја информираат јавноста дали „Булмак 2016“ работи согласно А интегрираната еколошка дозвола, со оглед на тоа дела ова не е прво прекршување
Постојат сериозни сомнежи дека државните институции свесно прикривале информации и намерно ја дезинформирале јавноста во врска со еколошкиот инцидент на 14 март во Крива Река, во која, според извештајот од испитаните примероци еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ за десет пати повеќе од дозволеното е зголемена концентрацијата на олово, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот. Ова е денешната реакција од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), од каде ги повикуваат надлежните институции да не го заташкаат овој случај, за кој велат дека може да има долгорочни последици по здравјето на граѓаните, водите, почвата, зејоделството и целиот екосистем во регионот.
„Дали Инспекторатот за животна средина свесно ја излажал јавноста за цијанидот во Крива Река? Иако биле обврзани по закон веднаш да утврдат присуство на опасни хемикалии во водата, тоа не било направено. Наместо анализа, било објавено дека се излеала само вода, што е тешка лага со можни кривични послеедици“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Според партијата, загрижува тоа што инспекторите што излеглее на терен имаат директни или индиректни врска со фирмата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудникот „Тораница“.
„Ова е судир на интереси кој фрла сомнеж врз целиот надзорен процес и отвара прашања дали државата свесно ја штити компанијата „Тораница“ на штета на здравјето на граѓаните“,
велат од СДСМ.
Очекуваат Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина да ја информираат јавноста дали „Булмак 2016“ работи согласно А интегрираната еколошка дозвола, со оглед на тоа дела ова не е прво прекршување.
Од партијата бараат Јавното обвинителство итно да отвори предмет за овој случај.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски денеска на прес-конференција соопшти дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот, покажал извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“.
Претходно Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок, кој е од трета категорија.
Инцидентот со хаваријата се случил на 14 март, а инспектор за животна средина на рудникот „Тораница“ направил увид истиот ден и констатирал дека има само заматување, односно механичко онечистување.
Но, поради бурните реакции и загриженоста на населението, градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, ангажирал приватна и независна лабораторија за земање мостри од Крива Река која констатирала излевање на опасна течност во водите на реката со алармантно присуство на тешки метали: олово, арсен, цијанид.