Хоџа е убеден дека Беса ќе биде изненадување на изборите во позитивна смисла, бидејќи нејзиното „протегање е поголемо отколку што се мисли“
Во политиката ништо не е невозможно, но не верувам дека тоа би била победничка комбинација во овие околности, вели заменик-претседателот на Беса, Арјанит Хоџа, прашан дали неговата партија би била дел од предизборна коалиција во која би учествувале СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, ако добие таква понуда.

„Јас, познавајќи ги политичките актери, не верувам дека може да има таква комбинација. Формата како се формира Владата е форма на интерес и не е форма на принципи. Ако ова е принцип, тогаш требаше да ги задржат сите коалициски партнери. Вие ја имате Алијанса која влезе, но имате и два коалициски партнери што заминаа од ова мнозинство“,
вели заменик-претседателот на Беса.
На забелешката дека можеби и Алтернатива би добила покана да биде дел од таква предизборна коалиција, Хоџа коментираше:
„Јас зборувам за чекорите и начинот како се случи, тоа не дава сигнали дека може да се случи тоа. Јас кажав дека политичката сцена е доста динамична, околностите и политичките моменти се менуваат и сè додека нема нешто конкретно, ние не можеме да зборуваме за хипотетички ситуации. Во моментот тоа што го кажавме, сме го кажале јасно. БЕСА е фокусирана да ја добие довербата од мнозинството Албанци во земјава и таа доверба да ја преточи во идната владина програма, која и да е таа“.

Хоџа е убеден дека Беса ќе биде изненадување на изборите во позитивна смисла, бидејќи нејзиното „протегање е поголемо отколку што се мисли“.
„Можеби ние ја немаме владината пропаганда што ја имаат во моментот владејачките партии за оцрнување на политичките противници, но верувајте дека тоа што секој ден го гледаме, контактите што ги имаме секој ден, не сте свесни колку од тие што се дел од Владата почнале да разговараат за да ја обезбедат нивната иднина со БЕСА. Верувајте, ќе биде изненадување и ќе ги надминеме сите очекувања на политичките противници“,
вели заменик-претседателот на Беса.