„Во оној момент кога ќе ги утврдиме сите потребни факти со предметниот кривично-правен настан, соодветно и ќе постапиме во однос на сите оние што имаат каква било, директна или индиректна, поврзаност со предметниот кривично-правен настан“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, кој не одговори конкретно на прашањето, но ги охрабри јавноста и новинарите да продолжат да постапуваат прашања и додаде дека институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата
Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и тројца инспектори од оваа институција се осомничени затоа што од 2020 година до денот на трагедијата во Кочани не извршиле инспекциски надзор во т.н. кабаре кое работело во супстандардни услови.

Ова денеска го соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде споделија детали во врска со отворената истрага за пожарот во Кочани и за досега утврдените пропусти што ги направиле 27-те сега осомничени лица опфатени во постапката.
Дел од новинарите денеска, повикувајќи се на овие информации на Обвинителството, го прашаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали новиот директор на Државниот пазарен инспекторат постапувал и вршел инспекциски надзор бидејќи не е меѓу осомничените.
Тошковски не одговори конкретно на прашањето, но ги охрабри јавноста и новинарите да продолжат да постапуваат прашања и додаде дека институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата.
„Во изминатиот период од страна на јавноста беа отворани многу прашања коишто директно или индиректно се поврзани со предметниот кривично-правен настан. Добро е што јавноста е будна, добро е што јавноста поставува прашања, ве охрабрувам и понатаму да продолжите во истата насока, но институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата. Во оној момент кога ќе ги утврдиме сите потребни факти со предметниот кривично-правен настан соодветно и ќе постапиме, во однос на сите оние коишто имаат било каква, дали директна или индиректна поврзаност со предметниот кривично правен настан“,
рече министерот за внатрешни одговарајќи на прашањето.
Инаку, во неделата на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на „360 степени“ зошто Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) не интервенирал бидејќи на објектот му е истечена лиценцата, независно дали е нелегална односно фалсификувана, и дали ќе го разреши директорот на Инспекторатот, Мицкоски рече дека ДПИ по ниту еден закон и одредба нема обврска секој ден во текот на годината да врши инспекциски контроли во угостителските објекти.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и од Јавното обвинителство денеска соопштија дека двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) заедно со тројца инспектори се осомничени затоа што не извршиле инспекциски надзор на објектот за да утврдат дали има важечка лиценца и дали ги исполнува условите да работи како кабаре клуб.
„Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле кабарето ‘Пулс’ да продолжи со вршење на угостителска дејност“,
рекоа од Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Кочани отвори истрагата против 27 лица и три фирми во врска со трагедијата клубот во Кочани каде што животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени. Во рамките на истрагата осомничени се од управители, закупци, сопственици на клубот, до поранешен министер, функционери и вработени во Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, тројца градоначалници на Кочани (еден актуелен во оставка и двајца поранешни), како и член на бендот ДНК и вработени во Агенцијата за обезбедување што била ангажирана во локалот.
Во одвоена истражна постапка што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) осомничени се седум високи полициски службеници, кои, исто така, се товарат за незаконско постапување во врска со лиценцата што му била издадена на клубот во Кочани. На нив Основниот кривичен суд Скопје во средата веќе им одреди 30-дневен притвор.
Со полициските службеници вкупниот број на досега осомничени за трагедијата во Кочани е 34 физички и три правни лица.