„Србија не го заслужи ова. Ова е кршење на нашиот државен интерес и одлука на штета на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Особено е навредливо кога некој вели дека човековите права и слобода сега ќе бидат подобро заштитени во т.н. Косово“, изјавил српскиот министер за надворешни работи
Србија не е експериментално тело, па постојано на неа да се крши меѓународното право, изјавил српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за вчерашната одлука на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која дала позитивно мислење за барањето на Косово да стане членка на оваа организација. Оваа одлука Дачиќ истовремено ја нарекол и срамна.

„Првпат се препорачува членство на територија која не е меѓународно призната и која не е членка на Обединетите нации. Со кого се шегувате?“,
праша Дачиќ.
На состанокот на комисијата во Париз се гласало за извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, во кој имало препорака Косово да биде примено во Советот на Европа. Бакојани побара од Приштина да исполни три услови, од кои е исполнет само еден – враќање на имотот на манастирот Високи Дечани.
Следниот чекор е барањето на Косово да стане членка на Советот на Европа да биде разгледано на пленумот на Парламентарното собрание на Советот на Европа и да се гласа и таму, а состанокот се очекува да се одржи на 18 април.
Сепак, последниот збор дали Косово ќе стане членка на Советот на Европа ќе го даде Комитетот на министри на Советот на Европа.
Според Дачиќ, известувачот за, како што вели, т.н. Косово, Бакојани, измислила сè, потсетувајќи на нејзините зборови дека мора да се исполнат три услови за прием во Советот на Европа.
„Србија не го заслужи ова. Ова е кршење на нашиот државен интерес и одлука на штета на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Особено е навредливо кога некој вели дека човековите права и слобода сега ќе бидат подобро заштитени во т.н. Косово“,
изјавил Дачиќ.
Тој прашува зошто, ако е тоа така, некои други не влегле во Советот на Европа.
„Зошто Дора Бакојани не предложи делот на Кипар под турска окупација да влезе во Советот на Европа: Па, зошто не предложи да влезе Каталонија во Советот на Европа? Зошто не предлагаат Крим, Донбас да влезат. На крајот може и Република Српска да се приклучи“,
рече Дачиќ.
Според него, конечната одлука треба да се донесе на седница во мај.
„Тие имаат двотретинско мнозинство, бидејќи ситуацијата во Европа за нас во поглед на Косово е најлоша. Поголем број од земјите веќе ја признаа независноста на т.н. Косово“,
додаде тој.
На прашањето дали смета дека Србија треба да излезе од Советот на Европа, тој посочи дека се поставува прашањето дали треба да бидат дел од такви организации, но дека сепак, одлуката ќе ја донесе државниот врв, оти, како што вели, не е важно неговото лично мислење, туку државните интереси.
Министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на претстојните избори Бујар Османи ја поздрави вчерашната одлука на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која даде позитивно мислење за барањето на Косово да стане членка на оваа организација.
„Честитки за одлуката на Комитетот за политички прашања на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ја поддржа препораката во Мислењето за апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа. 31 глас ‘за‘ и четири ‘против‘ се важен чекор на политичкиот комитет на собранието на Советот на Европа“,
вели тој.