По хоспитализацијата на 25 февруари годинава поради тешка пневмонија, министерот за внатрешни работи и вицепремиер на Србија информира дека сè уште е во болница, но дека треба да биде отпуштен во следните неколку дена и да го продолжи лекувањето дома
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ вчера првпат се огласи на Инстаграм откако на 25 февруари беше хоспитализиран поради тешка пневмонија. Тој информира дека сè уште е во болница, но дека треба да биде отпуштен во следните неколку дена и да го продолжи лекувањето дома.

„Драги пријатели, ова е првпат да ви се обраќам од тој ужасен 25 февруари. Се вратив во живот! Тој мрачен ден јасно ми покажа кои треба да бидат моите приоритети. Пет дена без свест, на работ на животот и смртта, и моето повторно будење на роденденот на мојот покоен татко Десимир, 2 март“,
напиша, меѓу другото, Дачиќ во објава на Инстаграм.
Им заблагодари на сите кои верувале и се молеле за него, а благодарност упати и до сите лекари и медицинскиот персонал на Клиниката за пулмологија при Универзитетскиот клинички центар.
„Им благодарам на сите што беа со мене, но и на оние што не беа со мене, затоа што ми помогнаа да сфатам дека не го заслужуваат моето внимание. Му благодарам на мојот брат Александар Вучиќ, на моето семејство, пријатели и партиски другари, на државните органи, на црквата, на сите што се молеа Господ да ме спаси и заштити. Се вратив, животе мој! Ви благодарам на сите“,
додава тој.
