Претседателот на СПС и досегашен претседател на српскиот парламент, исто така, очекува победа на Вучиќ во првиот круг од претседателските избори
Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, денеска изјави дека е логично тој да биде идниот премиер, како и дека очекува претседателот на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, како заеднички кандидат на СНС и СПС, да победи во првиот круг од претседателски избори.
„Сакаме да покажеме дека сме подготвени да преземеме одговорност. Тоа би било во најдобар интерес на Србија, како победа на Србија и патриотските принципи, Вучиќ да биде претседател, а јас премиер“,
изјави Дачиќ за ТВ Хепи.

Тој наведе дека кандидирањето, залагањето за премиерската функција е логична цел на секој што учествува на парламентарните избори, но дека зависи од бројот на гласови, па не може да биде некој што ќе освои мал процент.
„Сакам да играм со чисти сметки, за сите да знаат која е нашата амбиција и која е нашата програма“,
изјави Дачиќ.
Во Србија на 3 април се закажани претседателски, парламентарни, како и локални избори во неколку града во земјата.