Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска апелираше до соседните земји заеднички да донесат одлука за отворање на границите, јави МИА од Белград.
„Апелираме до земјите од регионот да се донесе заедничка одлука за да не мора секој граѓанин да гледа како може и на кој начин да ги премине границите, да имаме заеднички пристап кон оваа тема“,
изјави Дачиќ по средбата со министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.
Тој рече дека освен со Грција, со која имаат согласност за отворање на границите на 15 јуни, нема напредок во разговорите со другите партнери и најави билатерални средби со секој од нив.
Тој изјави дека, и покрај олеснувањето на мерките воведени во текот на пандемијата, сè уште има повеќе земји во кои не може да се патува, отколку во оние во кои може.
По денешната средба со министерката од БиХ, која е прва официјална посета на Србија по олеснување на рестрикциите поради епидемијата, Дачиќ за утре во Ниш ги најави разговорите со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, а потоа и неговите патувања во Италија и Грција, како и посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Србија идната недела.
Од македонското МНР денеска соопштија за средбата на министерот Димитров на покана на Дачиќ, при што се посочува дека една од темите ќе бидат чекорите за релаксирање на рестриктивните мерки во меѓусебниот режим на движење, во рамки на севкупните слични тенденции во регионот и Европа.
