„Го отворивме гепекот (на ситроенот) и го извадивме за да го одврземе и да го спуштиме во земјанката. Јас, како што бев наведнат да го одврзувам, пријде Палевски и му испука куршум во главата. Да знаев дека Палевски носи оружје, немаше да бидам тука. Јас во тој момент излегов надвор од шумичката за да се соземам од шокот, дишев длабоко да не колабирам, по мене излезе и Боре, а Палевски го турна (Жежовски) во дупката”, рече обвинетиот одговарајќи на прашања на судијата Стефановски
Да знаев дека Палевски носи пиштол, немаше да бидам тука, рече Велибор Манев, второобвинет за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, на денешното рочиште од судскиот процес.
Манев, кому ова му е трето рочиште како дава исказ за случајот, денеска одговараше на прашања на судијата Ивица Стефановски, кој претседава со судечкиот совет.

На почетокот на Манев му беа предочени фотографии од ДВР-уредот за складирање на снимки од видеонадзорот на неговата куќа.
Обвинетиот потврди дека фотографиите се од неговата куќа, а потоа продолжи да раскажува како првата вечер тој, Палевски, Боре Видевски и Влатко Кешишев биле до куќата на Панче Жежовски за, како што кажа, Палевски да ги види местото и приодот до куќата.
Истата вечер наточиле и гориво во две десетлитарски туби, во едната бензин, а во другата дизел.
Наредниот ден, рече, отишле да го грабнат Жежовски. Таму биле рано утрото пред зазорување и го чекале Жежовски да излезе.
Го чекале до 7:20-7:30 часот, но, бидејќи не излегувал, Палевски преку радиостаница им рекол на Манев и Видевски да му тропнат на врата и да го турнат во претсобјето. Врзан го ставиле Жежовски во церада и го пикнале во гепекот на неговиот „ситроен”.
Возилото го управувал Палевски, Манев бил на совозачкото седиште, а Боре Видевски на задните седишта. Потоа Манев повторно го опиша моментот кога стигнале кај земјанката кај местото Рудник, каде што Палевски го застрелал Жежовски.
„Го отворивме гепекот (на ситроенот) и го извадивме за да го одврземе и да го спуштиме во земјанката. Јас, како што бев наведнат да го одврзувам, пријде Палевски и му испука куршум во главата. Да знаев дека Палевски носи оружје, немаше да бидам тука. Јас во тој момент излегов надвор од шумичката за да се соземам од шокот, дишев длабоко да не колабирам, по мене излезе и Боре, а Палевски го турна (Жежовски) во дупката”,
рече Манев одговарајќи на прашања на судијата Стефановски.
Дупката од земјанката ја затрупале еден ден пред да биде грабнувањето на, како што рече, на наводната жена.
Во врска со телефонот на Жежовски, тој рече дека Палевски му рекол дека го фрлил на место каде што растат капини кај Велес. Во врска со земјанката, рече дека ја направиле откако не можеле да најдат место каде да ја чуваат грабната жена. Местото кај Рудник, рече дека го избрале заедно со Палевски.
По убиството на Жежовски, кажа дека заминале кон Скопје и го оставиле на паркинг во населбата Маџари кај железничката пруга кај Кванташки.
По ова Манев раскажа за грабнувањето на, како што велеше, жената. Првиот обид бил неуспешен, а потоа во понеделникот, на 27 ноември, го реализирале тоа што било план. Кажа дека Палевски со телефон ја фотографирал жртвата.
Во тек е одговарањето на Манев на прашања на судијата Стефановски.
По Манев, се очекува исказ пред судот да даде третообвинетиот Боре Видевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.