Идејата е да завршиме со уставните измени како оптимално решение и да продолжиме понатаму, не заради нас како политичка гарнитура која во моментов е на власт, туку за иднината, порача претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МТВ.
„Ние не мора да бараме туѓи искуства, иако има доста, ние имаме сопствено искуство од 2008 година во однос на можните решенија во моментов и на можните решенија. И секако искуството покажува дека колку и да е, условно кажано, дилема по однос на моменталното решение, идното решение може да биде само полошо.“
порача Џафери.
Џафери вели дека ги преземал сите мерки и активности за дебатата на Комисијата за уставни прашања да тече во најдобар ред. Како што објасни, мора да обезбеди пропишано време за дебата, но динамиката зависи од текот на дискусијата. Односно, доколку се исцрпи не мора да трае до 9 август, како што е предвидено, вели Џафери.
„По однос на моите надлежности како претседател на Собранието и на уставната комисија организациски ги преземав сите мерки и активности за да се подготви Собранието и да биде подготвено процесот да тече во најдобар тек“,
вели претседателот на Собранието.
За барањата за предвремените избори на опозицијата, тој ги повика да поднесат предлог за распуштање на Собранието ако мислат дека го имаат потребното мнозинство.
„За предвремени избори е имплицитно кажано дека треба да се распушти Собранието па да се оди на предвремни избори. Флоскулата е политичка дека вие сте за избори, а не иницирате, затоа што веројатно не сте сигурни за бројките. И затоа велам дека приоритетот треба да се дава за она што ни е иднината, а не за идните избори,“
потенцира Џафери.
Запрашан за последните изјави на бугарскиот претседател во однос на нивни идни барања, рече дека за жал ние се раководиме од изјавите, а не од обврските.
„Такви изјави секојдневно ќе има. Искуствено пак ви кажувам решенија на арбитража имаат и Словенија и Хрватска, па ден денеска спорат дали е тоа тоа или не. Последиците од таквите изјави каде носат вода, носат вода во интерес на нас или носат вода некаде на трето место. Мој заклучок е дека на таквите изјави ние само се приклучуваме носејќи вода на трето место, а не за наши потреби“
вели собранискиот спикер.