Партијата бара и проширување на одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои, како што велат, затаиле со контролата за да се спречат злоупотребите
Парламентот по скратена постапка да донесе законски измени за забрана на производство на марихуана за наводни медицински цели – бара партијата Демократски сојуз која е дел од власта. Барањето следува по масовната акција на полицијата и обвинителството изминативе денови во која, како што велат од партијата, запленети се вкупно 32 тони марихуана, од кои пет во Србија и 27 во Македонија.

„Тоа е засега гребење по површината на овој наркобизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата. Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“,
велат од Демократскиот сојуз.
Партијата бара и проширување на одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои, како што велат, затаиле со контролата за да се спречат злоупотребите.
„Од 2017 година досега година надлежното Министерство за здравство издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели. Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу наркомафијата, заплени на канабис од полицијата, но криминалниот бизнис продолжи бидејќи наркомафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“,
додаваат оттаму.
Вчеравечер продолжи големата полициска акција во Скопје и Струмица во врска со петте тони дрога што минатата недела беа запленети во Србија, а се со потенцијално потекло од Македонија. Во синоќешните претреси во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, според неофицијални информации, се запленети 27 тони марихуана.
И натаму се чека официјален извештај од институциите за случајот и за точната количина на запленет канабис.
