Иницијативата за воведување квоти за соодветна застапеност на лицата со попреченост во изборната администрација, но и на кандидатските листи за пратеници и за советници доаѓа од невладини организации кои со години се активни во оваа сфера и одблиску ги гледаат аномалиите на правната рамка, но и на нејзиното спроведување
За идејата прашавме дел од политичките партии од кои, очекувано, добивме различни одговори – дел поддржуваат воведување квоти, дел се воздржани
Општина Струга по последните локални избори доби претседателка на Советот – Арбреша Влаши. Таа беше кандидатка на советничката листа на ДУИ, со претходно големо искуство во невладиниот сектор. Нејзиниот успех да застане на чело на општинскиот совет е позитивен преседан поради друга причина. Во развиените демократии не е така, но кај нас исклучително е ретко лице со попреченост активно да учествува во изборниот процес и да биде избрано да ги претставува граѓаните.
„Како се однесуваат моите колеги советници? Јас мислам дека имам среќа, бидејќи сите се слободоумни и, обично, јас не чекам тие да ме прашаат, туку во моментот кога имам потреба или се соочувам со некоја бариера, јас сум таа што им бара помош“,
вели Влаши.
Доаѓа од невладиниот сектор и свесна е дека ова е сосема друг предизвик. Но, е цврсто определена да влијае за позитивни промени, сега одвнатре, од самите институции.
„Прво, да носиме што поправедни одлуки за граѓаните на Општина Струга, второ, бидејќи сум девојка од градот Струга, претставувам модел за успешна жена и девојка во политиката и трето, носам одговорност да му покажам на општеството, не само во Струга, туку во цела Македонија, дека луѓето со попреченост можат да успеат ако сакаат или ако им се дадат услови да бидат дел од општеството“,
смета таа.
Според податоците на здружението „Инклузива“, на последните локални избори имало седум лица со попреченост на листите за советници, од кои тројца биле носители. Двајца од нив, не само што се избрани за советници, туку станаа и претседатели на совети. Третиот носител сега е член на совет. Другите четворица не станале советници зашто биле ниско на листите.
Иако овие бројки се симболични, тие се најдобри досега.
„Во однос на парламентарните избори, имавме во 2016 година за парламентарните избори првпат на листата за пратеници. И на претходните имаше по еден, но тие беа долу и сметам дека беа ставени само за декор, да се каже дека имаат лице со попреченост на листата“,
смета Благица Димитровска – здружение „Инклузива“.
Таков е примерот со Злате Стојановски од Струмица, кој на парламентарни избори во 2020 година бил кандидиран за пратеник од СДСМ.
„Помислив – ако се кандидирам за пратеник ќе им покажеме на луѓето дека постоиме и дека и ние можеме да придонесеме за ова општество, за подобар живот на лицата со хендикеп“,
смета Стојановски.
Но, Стојановски вели дека малку се разочарал кога видел дека е 15-ти на листата.
„Ако партиите имаат волја навистина, не само да биде ‘мртво слово на папиру’, туку навистина да вклучат лица со посебни потреби и во ‘добитните комбинации’, тогаш би можело нешто да се направи, а вака ако е само прокламативно тогаш ништо нема да направиме“,
дециден е тој.
Ертан Шаќири од скопската општина Чаир, пак, бил на листата за советници од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на последните локални избори, но не влегол во Советот.
„Да, вистина е дека лицата со посебни потреби треба да бидат прворангирани, но задоволство е првпат по 15 или 20 години да имаш можност, доста е што те испочитувале како човек со попреченост“,
вели Шаќири.
Шаќири смета дека повеќе луѓе со попреченост на вакви позиции би придонеле за поквалитетен живот на сите.
„Мислам дека ова е чекор да и се покаже на државата дека ние сме посебни и треба секоја политичка партија треба да биде обврзана оваа работа на лицата со посебни потреби да нѐ сметаат како сите други граѓани“,
смета тој.
Анализите на „Инклузива“ велат дека изминатите неколку изборни циклуси е постигнат напредок во вклучувањето на луѓето со попреченост, но нивното учество воопшто во политичките процеси и натаму е на ниско ниво. Затоа, предлагаат суштинска промена.
„Бараме квота, на застапеноста на лицата со попреченост во сите структури на изборните органи, но и на листите за кандидати за пратеници, претседатели на државата, советници. Така можеме да кажеме дека ќе се подобри системот во нашата држава, но и ќе се подигне јавната свест и ќе се креираат закони по мерка на сите граѓани“,
вели Димитровска.
Друго прашање што го отвораат од „Инклузива“ е фактот што до скоро, лицата со одземена деловна способност автоматски го губеа правото на глас. Според Димитровска, потребен е индивидуален пристап, како што пропишува Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации, која земјава ја ратификуваше уште во 2011 година.
„Неразмислувајќи никој што губи лицето. Го губи правото на избор, ги губи сите човекови права, а ние се декларираме како демократска држава. Ако се прекршуваат човековите права на било кој граѓанин, тогаш нема демократија“,
смета таа.
На минатите избори, за првпат, луѓето со одеземена деловна способност добија право на глас, но измените во Изборниот законик беа направени толку непосредно пред изборите што Државната изборна комисија немаше време да направи упатство – на кој начин оваа категорија на граѓани може да го оствари правото на глас.
„Што бараме понатаму? Бараме не само во Изборниот законик, туку да се смени и одредбата во Уставот каде што ова право им е ограничено, потоа законот за политички партии, законот за медиуми и сите други закони кои се поврзани со ова право“,
вели Димитровска.
Проблемите на лицата со попреченост не завршуваат со учество на листите и правата на лицата со одземена деловна способност. Иако мора, над 70 отсто од избирачките места и понатаму немаат соодветен пристап, како на пример рампа за количка. Сѐ уште нема лица со попреченост во Државната изборна комисија и во општинските изборни комисии, а во избирачките одбори има мало подобрување.
„Интегритет и етичност на изборниот процес не може да има ако не се вклучени еднакво со останатите и лицата со попреченост“,
децидна е таа.
Какви права имаат лицата со попреченост во изборниот процес според актуелните закони и какви права треба да имаат согласно меѓународните документи, анализирал Институтот за човекови права.
„Во пракса треба одредени состојби од Конвенцијата да се префрлат на домашно ниво. Тука влегува, меѓу другото, она што е етичност и она што е интегритет. Не можеме да зборуваме за интегритет ако тие лица ги третираме на еден одреден начин – различен, без разлика дали е тоа во позитивна или во негативна насока“,
вели Маргарита Цаца Николовска – Институт за човекови.
Николовска поддржува воведување квоти, но апелира на претпазливост.
„Тоа да се изведе на таков начин да не се врши некаква дискриминација оти и еднаквоста, на некој начин, сличноста, исто така може да доведе до одредена дискриминација. Дали ние имаме податоци за такви лица, како се тие лица евидентирани, кај се евидентирани и при тоа да се води многу голема сметка за приватноста од секој агол – и од здравствениот статус и од статусот на можност нивната приватност да се зачува, а да се учествува во изборниот процес“,
додава таа.
Законите ги менуваат пратениците, кои пак речиси без исклучок се партиски кандидати. Затоа, составивме листа од прашања и ги испративме до неколку партии. Сите одговорија дека ќе се заложат за пристапност на избирачките места и дека се „за“ почитување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Но, на другите теми имаше разлики.
Од СДСМ одговараат „да“ на прашањата – дали би поддржале квоти, дали би подготвиле стратегија за инклузивност и дали досега вклучувале лица со попреченост на листите. Но, одговорот на прашањето – дали би поддржале вклучување на лицата со одземена деловна способност во изборниот процес – не беше дециден.
„…Сметаме дека за сите овие прашања е исклучително важно низ дијалог со сите надлежни институции, здруженија и организации да се дојде до најдобрите решенија, притоа запазувајќи ги и почитувајќи ги човековите права“,
велат од СДСМ.
Од ДУИ, пак, дадоа позитивен одговор за стратегија за инклузивност и за кандидирање на лица со попреченост на листите, но не добивме јасно изразен став за учество на лицата кои ја загубиле деловната способност и за квотите.
„Во таа насока, сакаме да истакнеме дека ова прашање треба да го добие вистинското место, односно треба да се отвори широка дебата која ќе овозможи долгорочни решенија за подобрување на условите за нормално функционирање на оваа категорија граѓани“,
сметаат во ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ не добивме прецизен став за квотите, стратегијата, лицата со загубена деловна способност и досегашното учество на лицата со попреченост на нивните листи. Не поради тоа што партијата е против, туку како што објаснија, затоа што сметаат дека луѓето не треба да се делат на тој начин.
„Сметам дека секогаш кога се воведуваат какви било квоти, постои можност за одредена дискриминација на некој друг, бидејќи пред се треба да се гледа квалитетот на секој еден кадар, занемарувајќи ја физичката попреченост доколку ја има некоја личност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алтернатива, пак, одговорија позитивно на прашањето за воведување квоти за политичко учество на лица со попреченост, за носење посебни партиски документи и за тоа дека и досега кандидирале лица со попреченост на листите.
Но, изразија резерва за учество на лицата со одземена деловна способност.
„Што се однесува до ова прашање, ние мислиме дека тоа е многу сензитивно и не може да се пресече како со нож и да се даде политички одговор. Тоа повеќе треба да биде одговор на експерти во оваа област кои ќе проценат дали едно право дадено на едно лице може да ја загрози веродостојноста на еден од најбитните демократски процеси како што се изборите. Секако ние ќе го почитуваме нивното стручно мислење“,
сметаат во Алтернатива.
И покрај резервите за одредени прашања, на декларативно ниво, партиите генерално покажуваат разбирање за барањата на лицата со попреченост. Колку им држи зборот, ќе се види на следните избори.