Во Кочани денеска се одвиваше протестен марш каде кочанчани се обратија пред општинската зграда, пред полициската станица и пред основниот суд – беа упатени барања за правда и бескомпромисна борба со корупцијата

И врапчињата знаат за корупцијата и злото што владее кај нас. Време е да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата на виделина, порачаа родителите на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ на четвртиот протестен марш „Задоцнета реакција“ кој денеска се одржа во Кочани, пренесе МИА.
„Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно и сега и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот“,
порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.
Учесниците во маршот се обратија пред зградата на Општина Кочани, како и пред Полициската станица во Кочани.
„После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не“,
беше речено на протестниот марш.
Пред Основниот суд и Обвинтелството родителите и блиските на починатите порачаа дека правдата мора да биде задоволена и да се соопштат вистинските виновници за несреќата.
„Да ги прашаме обвинителите, дали толку вредеа животите на нашите деца, па да постапуваат со „притвори – пушти“. Дали виновните си ја плаќаат слободата? Кој потпишува документи дека децата ни се безбедни на јавни простори? Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божји“,
рекоа родителите.
Протестниот марш заврши во Паркот на Револуцијата од каде и почна, а роднините на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собирите и во наредниот период ќе бидат уште погласни во барањата за правда.