„Почитувани Македонци, никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава не ѝ се заканува од еднаквоста со Албанците. Албанците сакаат унитарна држава, интегрирана во НАТО и во Европската Унија. Сѐ друго, што постојано го слушате од македонската политичка елита е невистина“, вели лидерот на ДУИ, честитајќи го Денот на независноста на државата
Ги канам македонските политички лидери од целиот политички спектар да ја напуштат политиката на инсталирање погрешна перцепција кај Македонците за Албанците и соживотот. Да демонстрираат лидерство, да се залагаат за еднаквост и спроведување на духот на Охридскиот договор и заедно да го следиме европскиот пат. Ова денеска го порача лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во честитката по повод Денот на независноста.

„Почитувани Македонци, никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава не ѝ се заканува од еднаквоста со Албанците. Албанците сакаат унитарна држава, интегрирана во НАТО и Европската Унија. Сѐ друго, што постојано го слушате од македонската политичка елита е невистина“,
вели тој.
Посочи неколку датуми низ историјата на државата кога Албанците биле исклучени од одредени процеси, но и кога, како што вели, се пропагирала постојана невистина дека злото на земјата доаѓа од Албанците.
„Уставот од 1974 година беше изменет во 1989 година еднострано, со што Албанците беа лишени од државотворниот статус и овој момент претставува застојна пресвртница во земјата. Потоа, во 1991 година, Албанците повторно беа исклучени и не беа дел од процесот на осамостојувањето на Македонија од поранешна Југославија, ниту пак беа акционери во изградбата на новата држава. Така, беше изготвен дискриминаторски устав со кој се промовираше етничката супериорност на мнозинството врз Албанците и нивните заедници“,
пишува во честитката на Ахмети.
Во тоа време, вели, неодговорни политичари го пропагираа архаичниот наратив „Македонија на Македонците“.
„Се пропагираше постојаната невистина дека злото на земјата доаѓа од Албанците. Тие владееја неодговорно преку инсталирање непостоечки страв од ‘опасноста што ѝ се заканува‘ на земјата од Албанците“,
вели тој.
Според него, овие погрешни политики завршија во 2001 година, кога Албанците и Македонците се здружија за да ја обноват Македонија, рамноправна и евроатлантска, преку спроведување на Охридскиот мировен договор, гарантиран од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
„Новиот Устав, со сите политички препреки низ годините, беше основа за рамноправност, етничка, јазична, културна, образовна, со почитување на националните симболи и со распределба на општествените одговорности. Овој нов начин на размислување, на соживот, заемно почитување и еднаквост, го спроведе Охридскиот договор, ја придружи земјата во НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската Унија“,
рече лидерот на ДУИ.
Но, додава и оти денес сведочиме дека не само што се враќаме само на истиот наратив, туку и на секојдневни дејствувања кои го поткопуваат соживотот и Охридскиот договор, меѓуетничките односи, еднаквоста и досегашните заеднички достигнувања.
„Моменталните партиски придобивки со антиалбанска кампања претставуваат неуспех за заедничката држава“,
пишува во пораката на Ахмети.