Ниту премиерот ниту претседателот не чувствуваат одговорност поради бугарското вето. Двајцата рекоа дека не ја заоструваат реториката кон Бугарија, а Пендаровски уште еднаш порача дека бугарската блокада се заснова на барања кои не се содржани во Договорот за добрососедство

Премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски велат дека не ја заоструваат реториката кон Бугарија, а од Владата изразуваат надеж дека до крајот на германското претседателство со ЕУ, односно крајот на 2020 година, ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
Дотогаш, вели премиерот, треба да направиме сè што е во наша можност.
„Продолжуваме со пријателска реторика. Реторика на дијалог, а не на создавање конфликти. Ние со Бугарија имаме комуникација на сите нивоа. Секако, доминантно комуникацијата во моментов се одвива помеѓу двајцата министри за надворешни работи. Работат работни групи под нивни раководства и негуваме надеж дека треба да направиме сè додека е тоа возможно, а тоа е некаде на почетокот на декември односно сѐ до можноста за одржување на првата меѓувладина конференција под раководство на германското претседателство“,
рече Заев.
Тој апелираше јавноста да се воздржи од груба реториката кон соседната земја и потсети дека тој и министерот Бујар Османи вчера веднаш реагирале и иницираа постапка за разрешување на претседателот на надзорниот одбор на МИА поради говор на омраза.
Секогаш, вели Заев, преземаме дејствија што се во наша надлежност и во институциите под Владата, но во однос на граѓаните, како што порача, можеме само да ги замолиме.
И претседателот Пендаровски е на иста фреквенција дека треба да се внимава на речникот и да не се злоупотребуваат овие прашања за добивање политички и лични поени. Лично тој не смета дека ја заострил реториката. Тоа така и ќе остане, рече тој, и покрај тоа што шансите за тргање на бугарската блокада се сè помали.
„Мој став е, а колку што гледам и на премиерот и на ресорните министри, дека ние не смееме да се спуштаме на уличарско ниво во разговорите со Бугарија, Германија, кого било. Ние имаме добиено доверба да ја водиме оваа држава. Не само во овој спор, ние мораме да покажеме дека, не само географски, ние сме навистина европска држава во која има демократска власт која владее на демократски начин и која се изразува на европски начин. Тоа не е понизност кон Бугарија или затоа што чекаме уште некој ден или недела евентуално да се реши спорот иако шансите објективно се сè помали и помали. Меѓутоа, стилот и начинот на кој ние се однесуваме откако ја имаме добиено довербата на граѓаните на сите им кажува дека станува збор за сосема поинаков профил на политичари, а не за луѓе кои сакаат да добијат ситни партиски, политички или лични поени, со тоа што ќе се покажат големи Македонци. Не само овој момент, ниту еден не е добар за на лажен патриотизам да правите политички рејтинг“,
рече Пендаровски.
Ниту премиерот ниту претседателот чувствуваат одговорност за бугарското вето.
Заев тоа го оправда со констатацијата дека целиот свет испраќа пофалби за европското однесување и управување на државата.
Пендаровски, пак, јасно порача дека не чувствува никаква одговорност затоа што ниту договориле ниту потпишале нешто што е надвор од Договорот за добрососедство од 2017 година.
„Во однос на тоа дека Договорот е правна основа за блокадата тоа не е точно. Нема ниту една одредба која создава правна основа за блокада, затоа што бугарските барања со кои сме блокирани ги нема во Договорот. Бугарските барања во однос на некакви преговори и разговори за нашиот етнички идентитет или за нашиот македонски јазик воопшто не се содржани во Договорот. Нема да има правни гаранции или основи ние да се обврземе да дебатираме за тоа. Бугарската блокада се базира на барања кои воопшто не се споменати, а не на договорени работи во Договорот“,
рече претседателот.
Пендаровски е со сличен став и за историските прашања, па порача дека заедничка историја значи дека некои настани и личности од минатото биле заеднички и можеме заедно да ги чествувам. Но, рече, не постои правно, политичко или научно објаснување дека под „заедничка историја“ се подразбира само бугарска или само македонска историја.
„Ова што од време на време слушате од бугарска страна дека има некои луѓе, за жал и политичари, дека се до 1945 година е заедничка историја, дека ние немаме засебна македонска историја се разбира е надвор од памет и каков било европски принцип и тоа не стои во Договорот“,
оцени Пендаровски.