Во пресрет на министерската конференција „Обликување на демографската иднина на Европа“, која на 1 и 2 декември ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, во организација на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и бугарската влада, разговараме со Афродита Шаља-Плавјанска, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија
Населението старее, прирастот на населението се намалува. Соочени со ваква демографска „криза“, земјите во Европа, вклучувајќи ја и нашата, мора да се подготват да ги ублажат потенцијалните негативни ефекти, да ги искористат постојните можности и да создадат нови. На оваа тема на 1 и 2 декември, во Софија, Република Бугарија, ќе се одржи министерската конференција „Обликување на демографската иднина на Европа“, каде што ќе присуствуваат многубројни високи владини претставници, лидери, експерти од Европа и Централна Азија, меѓу кои и делегација на Република Северна Македонија. Собирот го организираат Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и владата на Р Бугарија, под покровителство на претседателот на Р Бугарија.

Конференцијата ќе резултира со иницирање на Декадата за демографска отпорност 2022-2032 и Софиската алијанса, заедница предводена од земја членка која вклучува практики за олеснување на споделувањето искуства и обезбедувањето совети за посреднички/медијаторски политики, како и техничка помош за зајакнување на демографската отпорност.
Кои се предизвиците, каква е демографската слика кај нас и кои решенија ги применуваат другите земји, разговараме со Афродита Шаља-Плавјанска, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија.
УНФПА е коорганизатор на министерската конференцијата за демографските предизвици што ќе се одржи во Софија, а темата е „Обликување на демографската иднина на Европа“.
Со какви демографски промени се соочува континентот?
Шаља-Плавјанска: „Демографските промени претставуваат еден од петте мегатрендови идентификувани од страна на генералниот секретар на ОН, кои го обликуваат напредокот во рамки на имплементацијата на Агендата 2030. Тие влијаат врз развојните цели за сиромаштијата и нееднаквоста, работата и социјалната заштита, здравството и образованието, безбедноста на храната и домувањето, како и целите за економски раст и животната средина. На конференцијата во Софија ќе се дискутира за демографските промени со кои поширокиот регион се соочува подолго време. Ова е вистинскиот момент за справување со демографските промени, како клучен фактор за обезбедување просперитет и одржливост, бидејќи земјите во регионот се соочени со предизвикувачка иднина. На конференцијата ќе се дебатира за теми кои директно се поврзани со демографските промени: стареење на населението, фертилитет, родова еднаквост, планирање на семејството, аспирации на младите, ревитализација на руралните области, финансирање на социјалните политики, како и за поврзаноста помеѓу демографијата и демократијата. Сакам со вас да споделам неколку факти за да биде појасно со какви демографски промени се соочуваме. Европа е регион со најголем процент на повозрасно население. Речиси едно од четири лица или поточно 24 отсто од населението е на возраст од 60 години или повеќе. Ова е резултат на продолжениот животен век, ниската стапка на фертилитет и иселувањето кое е особено изразено во Источна Европа. Тоа што е важно е дека овие тековни демографски трендови не се очекува да се променат во блиска иднина и можат да создадат сериозни предизвици за општествата. Ќе споменам само еден сегмент кој се однесува на стареењето – доколку стареењето на населението доведува до намалување на работната сила и придонесува за помал број активни работници кои би издржувале сè поголем број повозрасни лица, економијата и општеството ќе бидат ставени пред сериозен предизвик. Последиците од оваа појава се сериозни! Затоа, УНФПА преку програмите за демографска отпорност, заедно со засегнатите земји партнерски изнаоѓаат начини тие да напредуваат во овој свет на брзи демографски промени. Концептот на демографска отпорност е проактивен со тоа што го нагласува значењето на предвидувањето и планирањето на демографските промени. Овој концепт е и трансформативен, односно ја нагласува потребата од преиспитување на традиционалните норми, особено поврзани со улогите на жените и мажите во семејствата и во општествата, кои ги спречуваат општествата да ги претворат демографските предизвици во можности“.

Каква е ситуацијата во нашата земја – дали овие демографски промени можат да нè одминат?
Шаља-Плавјанска: „Северна Македонија не може да остане изолирана од демографските промени со кои се соочува цела Европа, односно со стареењетo и намалувањето на населението. Но, тоа што може е навреме да ги препознае демографските предизвици и општеството да се подготви за нив. Ниската стапка на фертилитет може да наметне дополнителни предизвици врз економијата и социјалните системи, но од друга страна може да го намали притисокот врз пазарот на трудот, особено во земјите со хронично висока невработеност и притоа, да им овозможи на земјите да инвестираат повеќе во човечкиот капитал. На индивидуално ниво, бројот на деца, периодот помеѓу раѓање на децата и времето кога да се има деца, треба да биде свесен избор на луѓето. Планирањето на семејството само го овозможува правото на избор, но не влијае на стапката на фертилитет. Дополнително, со планирање на семејството се заштитува репродуктивното здравје на жената – се избегнуваат непланираните бремености, како и можните компликации, кои понатаму може да доведат до инфертилитет. Ова право на избор е и начин на дејствување на родовата еднаквост, односно вклученоста на жените во одлуките во врска со семејството, кариерата и начинот на живот. Исто така, родово еднаквите општества подобро се справуваат со демографските промени – имаат тенденција да бидат постабилни и да го одржуваат мирот, да бидат економски попросперитетни и во работната сила да имаат вклучено поголем број жени, а ги поттикнуваат и мажите да користат `татковско` родителско отсуство и да го преземат својот соодветен дел од неплатената грижа и работните обврски во домаќинството. Кога зборуваме за демографски отпорни општества, мислиме на општества кои разбираат дека демографските трендови се под влијание на комплексен збир на општествени, културолошки, економски, еколошки и политички фактори и затоа бараат сеопфатни, холистички политички одговори кои се базираат на докази и ги ставаат сите луѓе и нивните права и избори на прво место“.
Кој треба да биде одговорот на државите на демографските предизвици?
Шаља-Плавјанска: „Не постои едноставно и ‘магично’ решение за ова прашање. Справувањето со демографските промени бара сеопфатен микс на политики за да се поддржи создавањето средини во кои луѓето ќе се чувствуваат сигурни во нивните можности за остварување на своите семејни и кариерни аспирации. Дозволете ми да истакнам дека со фокусирање само на фертилитетот, нема да се реши демографската ‘криза’. Со други зборови, ограничени пристапи за брзи решенија кои се фокусираат само на бројот на населението нема да функционираат на долг рок. Дури ниту богатите земји, кои можат да одделат значителен дел од својот буџет за социјална и семејна поддршка, како што е Франција, немаат стапки на фертилитет над или дури блиску до нивото на обнова на населението. Да го анализираме и предизвикот што се однесува на младите. Познато е дека луѓето ширум Источна Европа генерално сакаат и имаат по две деца, меѓутоа голем дел од нив завршуваат со едно дете или без ниедно дете. За таа цел, нашиот фокус треба да биде на отстранувањето на бариерите што ги спречуваат луѓето да имаат онолку деца колку што ќе посакаат. Клучно е да се влијае на отстранување на причините кои влијаат на чувството на несигурност за иднината. Тоа значи да се обезбеди почитување на правата на луѓето и на правото на избор, но и решенија поврзани со подобрување на условите во образованието, здравството, пазарот на труд, доброто владеење и политичкото учество, зајакнувањето на системите за социјална заштита. Или, како што вели директорката на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Алана Армитаж ‘колку поскоро признаеме дека решението за демографските предизвици на Европа не лежи во зголемувањето на стапките на наталитет, толку поскоро ќе можеме да се фокусираме на она што е вистински значајно при решавањето на перципираната криза со населението на континентот: нашата способност да создадеме држави каде што луѓето сакаат да останат, живеат и да основаат семејства’. Тоа е поентата, да се фокусираме на градење на општества кои ќе бидат доволно атрактивни за на луѓето да им бидат места на избор, каде сакаат да живеат и да имаат деца. За да се постигне тоа, потребен е напредок во справувањето со структурните проблеми, како што се политичката нестабилност, слабите економии, корупцијата, како и недостигот на добро владеење и исклучувањето и дискриминацијата на жените и малцинското население“.