Д-р Пановски вели кон средината на декември очекува да се намали бројот на новозаболени, хоспитализирани и починати лица, освен ако не се предизвика нов раст на пандемијата со кршење на мерките за заштита за време на претстојните празници
Се надевам дека до јуни сите ќе имаме стекнат природен имунитет доволен за да може да живееме донекаде нормално, а со вакцината до септември мислам дека ќе живееме нормално. Ќе има некаква заштита, но не како сега, вели универзитетски професор по микробиологија Никола Пановски во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој вели дека очекува кон крајот на декември да почне да се намалува бројот на новозаболени од ковид-19, но дека клучно ќе биде како ќе поминат претстојните празници.
„Огромен број од луѓето станаа свесни дека болеста веќе постои. Не сум чул дека негде дека се правела журка и слично, како што слушавме претходно кога беше потопло. Некако кога ги видоа бројките на починати мислам дека граѓаните се свестија и дека ова е неминовното ширење, кое се случува секаде, пред сѐ од работните обврски на луѓето и од јавниот превоз. Ако празниците поминат без проблеми, ќе биде во ред. Но, ако има нови кластери, ќе се зголеми и бројот на хоспитализирани и на починати“,
вели Пановски.
Тој вели дека нема ништо страшно ако луѓето за Нова година излезат на отворено со почитување на мерките на заштита бидејќи, како што вели, залудно би се носеле други мерки ако луѓето се групираат по домовите, каде што полицијата нема надлежност за контрола.
Од аспект на вакцините, според Пановски 33 000 дози не се ништо, но вели ќе помогнат таму каде што се најпотребни.
„33 000 дози од вакцината против ковид не се многу, ама ќе помогнат во февруари, таму каде што се најпотребни. Здравствените работници ќе мора да издржат до февруари. Најверојатно вакцинирањето од грип е беспотребно годинава. Спречено е ширењето на заразата, нема одење по слави, по спортски натпревари, концерти. Сите се крстиме во тој клеточен имунитет, но не сите 60 000 имаат имунитет, но речиси половина од нив не биле болни. Не значи дека ако некој бил позитивен дека не треба да се вакцинира. За антителата не е сигурно. По мене, сите што се ризични групи треба да се вакцинираат, а оние што имаат антитела, нема потреба да брзаат“,
вели Пановски.
Според него, наредната година проблем ќе бидат респираторните вируси кај децата од градинка и училиште.
„Децата сега се помалку имуни, биле во стерилна средина каде што имунитетот им е заспан. Вирусите ќе мора да се наплатат“,
вели Пановски.
Пановски додаде дека треба да има поголема контрола врз ковид-центрите во внатрешноста бидејќи, вели, таму нема исти услови за лекување како во болниците во Скопје.
„Бев на интерните клиники и таму има сѐ, тие секој ден прават компјутерски анализи, лаборатории и слично. Овие немаат ништо. И даваат лекови од страв, можеби и го трујат пациентот. Факт е дека кај нас големо влијание има и што многу од здравите или лесно болните пијат огромен број лекови кои им ги нарушуваат имунитетот“,
вели Пановски.