Претседателот на општинскиот органок во Куманово на Лекарската комора, д-р Мирослав Бошковски, го сподели своето искуство со ковид-19, а сега апелира до сите што го прележале вирусот да даруваат крвна плазма за да може да им помогнат и на други животи.
„Бев меѓу првите заразени здравствени работници од Куманово. Прележав ковид-19 со средно тешка клиничка слика, но не беше ни најмалку наивна состојбата, 17 дена бев хоспитализиран на инфективното одделение во општа болница Куманово. Штом помина минималниот задолжителен период од оздравувањето, се пријавив во регистарот за донирање рековалесцентна плазма, пред околу 10 дена, но не беа сите анализи завршени за да можам веднаш да донирам“,
раскажува д-р Бошковски.
Тој е активен член на Лекарската комора и претседател на општинскиот огранок во Куманово. На почетокот на месецот организирале крводарителска акција помеѓу докторите која, за жал, морале да ја одложат поради наглиот скок на новозаболени од ковид-19.

„Знаејќи дека сум крвна група Б+ и оздравен од ковид-19, претседателката на Комората д-р Старделова ми го испрати апелот за донирање плазма кој се ширел неколку часа по социјалните мрежи. Веднаш почнавме да се јавуваме на сите назначени телефони и стапив во контакт со семејството на пациентот. Потоа и комуницирав и со д-р Грубовиќ од Институтот за трансфузиологија и веднаш се започна со правење на сите анализи кои недостигаа. Утрово веќе беше издвоена крвна плазма и се надевам дека веќе е доставена во ГОБ ‘8 Септември’“,
вели д-р Бошковски.
Тој апелира до сите колеги и до сите граѓани кои прележале ковид-19 веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар.
