Директорката на клиниката во Козле појаснува дека симптомите на грипот почнуваат обично нагло, со зголемена телесна температура, болка во грлото, болка во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица
На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле на дневно ниво амбулантски се прегледуваат и до 250 пациенти, а хоспитализирани се деведесeтина деца, со што болничкиот капацитет е речиси комплетно исполнет, вели за МИА директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска.

Како што наведува таа, хоспитализирани се пациенти со компликации од грип – дехидратација, пневмонии и бронхоопструкции, а неколку деца се и на кислородна поддршка со маска, додека другите се стабилни. Има и доенчиња со респираторен синцицијален вирус – бронхиолити.
Со изминатата недела, вели д-р Бошковска, како грипот да го достигнува својот врв, а за ваквата состојба, според неа, придонеле новогодишните и божиќните празници кога имаше интензивни дружења, претстави, приредби за децата во затворен простор.
Појаснува дека симптомите на грипот почнуваат обично нагло, со зголемена телесна температура, болка во грлото, болка во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.
Препорака за родителите во овој период, нагласува таа, е да се избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува лична хигиена со често миење на рацете, да се прави дезинфекција на површините, во исхраната да има свежо овошје и зеленчук и да се престојува на чист воздух.
„При појава на симптоми на грип децата да не се носат во градинка, да се изолираат, да се одржува добра хидратација со зголемено внесување течности, да се даваат лекови за покачена температура и разладување. Ако симптомите траат повеќе од три до четири дена или прогресираат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, да се побара лекарска помош на матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови и доколку состојбата е сериозна и потребно е болничко лекување, секако да се упатат во нашата установа“,
додава проф. д-р Бошковска.

Зголемување на бројот на заболени од грип и заболувања слични на грипот се бележат во првата недела од новата година, а сезонскиот врв на новозаболени надлежните го очекуваат во втората половина на овој и првата половина на следниот месец.
За состојбите со грипот во земјава денеска на прес-конференција информира в.д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, која ги сподели податоците собрани од Центрите за јавно здравје.
А тие, како што кажа таа, покажуваат дека во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година се пријавени 1 725 случаи на групни пријави на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен.
Генерално, од почетокот на сезоната на грип до денеска, како што кажа Андоновска, вкупниот број на заболени изнесува 3 825 лица, што е за 2,8 пати повеќе во споредба со истиот период лани, кога биле регистрирани 1 335 случаи.
Прашана дали поради врвот што се очекува во втората половина на јануари ИЈЗ би можел да препорача одложување на почетокот на второто полугодие од школската година, Андоновска кажа дека тие како институт ја следат состојбата и доколку оценат оти бројот на заболени е превисок, може да дадат таква препорака, но на другите надлежни институции, односно на Министерството за образование и наука е да донесе одлука.
