Колку и да има простор за лекување на пациенти од ковид-19, ограничен е медицинскиот персонал. Освен што е преморен, персоналот се разболува, вели пулмологот Баловски
Во еден ден имавме триесет починати лица од ковид-19. Сведоци сме кога од исто семејство, во неколку дена, починале и мајка и син. До кога ќе ги учиме лекциите по лошиот, најморничавиот пат? – вели пулмологот од ГОБ „8 Септември“, д-р Марјан Баловски, во гостување на ТВ 24.
„Ако престанеме да додаваме бензин на овој оган, ќе успееме да ги ублажиме огнените јазици. Овој вирус е чудовиште, не избира и апелирам до оние што не веруваат дека вирусот постои, одговорно да си ја прифатат обврската затоа што така го загрозуваат своето и туѓото здравје“,
вели Баловски.
Тој вели дека притисокот во болницата „8 Септември“ е огромен. Посочува дека не се работи само за просторните можности туку и за медицинскиот кадар, кој е неопходен за лекување на болните од ковид-19.
„Се отвораат сѐ повеќе оддели за лекување на ковид-19, но тоа не може да оди до бескрај. Еве, кога се отвори последниот кат на одделот на којшто јас работам, 31 кревет се пополнија за 24 часа. Значи толку е потребно. А тие болни што ќе дојдат остануваат минимум две недели, бидејќи имаме голем број компликации што настануваат од овој вирус. Сакам да кажам дека кога ќе се отвори нов оддел ќе се пополни за еден ден. Бројката на новозаразени е толку голема, а со тоа ќе имаме и голем број пациенти што ќе имаат тешка клиничка слика. Мора да се прекине овој синџир на ширење на вирусот, инаку бројките ќе бидат сѐ поголеми, и на новозаболени и на починати“,
вели пулмологот Баловски.
Баловски потенцира дека состојбата е алармантна, но нагласува дека сѐ уште може да се придонесе за спречување на понатамошна трансмисија на вирусот доколку секој ги почитува мерките за заштита.
„Секој треба да се запраша – што можам да направам да се спречи ширењето на вирусот? Едноставно е – да ја ставам маската и да држам дистанца. Вирусот прави безброј компликации во организмот. Освен белите дробови, вирусот прави населување во сите ткива во срцето, бубрезите, црниот дроб, панкреасот… И во миговите кога немаме симптоми, вирусот најмногу се пренесува. И можеме да го уништиме животот на луѓето со кои се дружиме. Има време за дружење и прошетки ако го сочуваме здравјето“,
вели Баловски.
