Спотот што се снимаше вечерва кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, откако почна полицискиот час, според министерот за внатрешни работи Наќе Чулев бил по повод Денот на полицијата (7 мај), односно за да им се одадде признание на припадниците на МВР за справувањето со ситуацијата предизвикана од коронавирусот.
Чулев напиша на фејсбук дека не станува збор за злоупотреба на полициските сили, наспроти дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска, која оцени дека е неодговорно во време на вонредна состојба да се повлекуваат полицајци и полициски возила од терен за да се снима спот.
„Ја информирам јавноста дека вечерва, во близина на спортскиот центар ‘Борис Трајковски’ се снимаше кратко видео по повод Денот на полицијата, а со кое МВР ќе се заблагодари за придонесот на полициските службеници, здравствените работници, припадниците на армијата и сите други во справување со коронавирусот. Не станува збор за никаква злоупотреба на полициските сили, туку за еден мал гест со кој ќе се заблагодариме за нивната секојдневна жртва, ќе се валоризира нивната посветеност во заштита на здравјето на граѓаните, a истовремено ќе се подигне нивниот морал. Воедно, потенцирам дека со денешните активности во ниту еден момент не се нарушени тековните активности на МВР. Доколку некој од моите колеги во МВР ја спори важната улога на полициските службеници во обезбедување на здравствената сигурност на граѓаните го повикувам јавно да го каже тоа. За мене тие се хероите, така ќе биде и во иднина и тие ги заслужуваат сите наши пофалби и признанија“,
напиша Чулев на фб.