Министерот за внатрешни работи, во демант објавен вечерва, објаснува дека одбележувањето на Денот на полицијата беше пред 12 дена и дека припадниците на Единицата за брзо распоредување носеле заштитна опрема
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги оценува како дезинформација наводите на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска дека четворица припадници на МВР заразени со ковид-19 биле на прославата на Денот на полицијата, на 7 мај.
„Во однос на изјавата на вицепремиерката Шекеринска за тоа дека четири полициски службеници се заразени од ковид-19 на денот на одбележување на Денот на полицијата, би сакал да ја информирам јавноста дека истата преставува груба дезинформација и пласирање на лаги и невистини во јавноста. Ваквите неумесни и паушални изјави прво фрлаат сенка на работата на МВР, а потоа и на професионалноста и одговорноста на полициските службеници кои целиот изминат период успешно се борат против ширењето на пандемијата во нашата држава. Факт е дека ваквото одбележување, на која дадовме почит и признание на полициските службеници, од првиот ден, е ‘трн во око’ нагоспоѓата Шекеринска, а со денешните неточни изјави уште еднаш се потврди тоа“,
наведува Чулев, во демант што го испрати вечерва.
Тој посочува дека дека одбележувањето на Денот на полицијата се случи пред 12 дена. На настанот, како што вели, присуствувале половина од припадниците на Единицата за брзо распоредување и вежбата која беше изведена, како што вели, е дел од секојдневните задачи и обврски на оваа единица.
„На самата вежба полициските службеници, односно припадниците на ЕБР, на себе носеа потребна заштитна опрема и ја почитуваа пропишана дистанца за целосна превенција и заштита од коронавирусот. Воедно, напоменувам дека МВР беше првата институција која набави опрема за своите припадници и која до денес е ставена на нивно целосно располагање. Здравјето и животот на вработените во МВР е најважен приоритет за мене како министер за внатрешни работи“,
нагласува Чулев.
Тој упатува и прашање до Шекеринска зошто, како што вели, ако е толку многу загрижена за припадниците на полицијата и на Армијата, како втор човек во владата зошто досега не иницира бонус плата за нив.
„Или пак таа загриженост е видлива само кога е во интерес на исполнување на дневно-политичките цели и агенди на владејачката партија. Навистина е грубо и некоректно, политичките поени или сопствениот пи-ар да се гради со груби невистини поврзани со здравјето и животот на полициските службеници“,
наведува министерот за внатрешни работи.
Претходно, Шекеринска рече дека четворица од новозаразените припадници на МВР учествувале во прославата на Денот на полицијата, за која, инаку беше снимен и спот, во време на полициски час.
Според информации на „360 степени“ заразени се седуммина припадници на ЕБР од ист тим од вкупно 15 полицајци. Поради тоа е затворено одмаралиштето во Охрид во кое биле сместени кога биле испраќани како засилување на СВР-Охрид. Четворица од седумтемина полицајцу биле на прославата на 7 мај, за која Владата бараше одговорност од Чулев поради нејзината масовност во вонредна состојба поради епидемијата со коронавирусот.