Одделението за внатрешни работи Прилеп поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена должност до директорот „Еурокопозит“, Златко Граоровски, и неговиот стручен советник Васил Коцев.
Како што информираше денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, ОВР Прилеп по пријава на вработени лица во „Еурокомпозит“ извршиле разговори со овластени лица и поднеле кривични пријави до обвинителството.
„Двете лица имале намера да извлечат финансиски средства од ‘Еурокомпозит’. Тие, без да ги известат стручни служби на компанијата, односно одборот на директори, пристапиле со вклучување кон наводен договор со фирма од Република Гана во износ од милион и 725 илјади евра за изработка на 15 илјади рударски шлемови, и тоа по цена којашто е неколкупати повисока од реалната“,
рече Чулев во изјава за медиумите од пред полициската станица во Прилеп.
Според него, лицата ја направиле набавката без да информираат никого и комуникацијата ја воделе преку приватни електронски адреси, а не преку службените електронски канали на компанијата.
„Индикација е тоа што вкупната кореспонденција се вршела преку физичко лице во Гана, коешто било посредник, а нему и на други физички лица им се извршени трансфери на пари преку ‘Мани грам’ на име на авторизаицја на договор во Врховниот суд на Гана. Извршени се финансиски трансакции и за пријавата за склучување на тендерот“,
рече Чулев.
Тој додаде дека од девизната сметка на „Еурокомпозит“ извршени се исплати на наводен адвокат, исто така лоциран во Гана, во висина од 34 илјади евра.
Според Чулев, не можело да се префрлаат финансиските средства бидејќи не постоела реализација на договорот.
„Со ова, тие го оштетите и буџетот на ‘Еурокомпозит’ и буџетот на земјава, а Одделот за внатрешни работи утврди дека договорот не е ниту заведен во архивата на компанијата и не бил презентиран пред менаџментот, туку целата кореспонденција се водела преку приватна електронска адреса на Васил Коцев, а договорот бил архивиран во приватна архива на директорот Златко Граороски“,
рече Чулев.
