Според Центарот за управување со кризи, настанот се случил кога човекот бил качен на педелинка што најверојатно се превртела, а тој не знаел да плива. Засега нема податок дали човекот носел безбедносен елек

Мажот што се удави денеска околу 11:30 часот во водите на Дојранското Езеро, непосредно пред Градската плажа, е жител на Штип на возраст од 42 години.
Ова се првични информации од МВР, од каде што информираат дека во СВР Струмица било пријавено дека во Дојран едно лице паднало од педалинка во езерото и се удавило, а за настанот бил известен и јавен обвинител.
Според информацијата од Центарот за управување со кризи (ЦУК), настанот се случил кога лицето било качено на педелинка што најверојатно се превртела, а лицето не знаело да плива. Засега нема податок дали човекот носел безбедносен елек.
Во информацијата од ЦУК се додава дека местото на настанот било блиску до брегот и било обезбедено од припадници на МВР, кои ги известиле сите институции и побарале помош од нуркачки тимови на специјалната единица на МВР „Тигри“ за да се спроведе акцијата за пронаоѓање на телото.
„Телото сѐ уште не е пронајдено заради тоа што во езерото има многу трски, алги, а и слаба е видливоста – до еден метар длабочина. Местото на настанот било блиску до брегот и било обезбедено од припадници на МВР, кои ги известиле сите институции и побарале помош од специјалните нуркачки единици од МВР ‘Тигри’ за да се спроведе акцијата за пронаоѓање на телото“,
информираа од ЦУК.