На само еден ден откако Финска објави дека ќе поднесе барање за пристап во НАТО, шефицата на шведската дипломатија Ен Линде истакна дека членството на Шведска во НАТО ќе има ефект на стабилност и ќе спречи евентуални конфликти во Северна Европа
Членството на Шведска во НАТО ќе има ефект на стабилност и ќе биде од корист за земјите околу Балтичкото Море, изјави денеска шведската министерка за надворешни работи Ен Линде, само еден ден откако соседна Финска објави дека ќе поднесе барање за пристап во Северноатлантската алијанса.
„Членството на Шведска во НАТО ќе има ефект на спречување конфликти во Северна Европа“,
изјави Линде.
Претходно вчера претседателот и премиерот на соседна Финска рекоа дека земјата, која дели 1 300 километри граница со Русија, мора да поднесе барање за влез во НАТО, без одлагање.
По одлуката на Финска за пристапување кон Алијансата, вчера и шведската влада објави дека планира следната недела да испрати барање за членство во НАТО, јави шведскиот весник „Експресен“, додавајќи дека парламентот во Шведска в понеделник ќе расправа за безбедносната ситуација, а премиерката Магдалена Андерсон ќе свика посебна седница на Владата на која ќе биде донесена формална одлука за апликацијата.
Во меѓувреме, претставниците на НАТО посочија дека протоколот за пристапување на Финска и Шведска може да биде потпишан кога формалните апликации ќе бидат доставени до генералниот секретар Јенс Столтенберг кон крајот на мај, а се очекува земјите да немаат проблеми во процесот на пристапување на Алијансата.
Ако двете земји се приклучат на НАТО, тоа ќе ја остави Русија опкружена со земји од Алијансата во Балтичкото Море и Арктикот.