Долгот од 14 милиони евра кој членовите на Управниот одбор на Акционерското друштво МЕПСО го отпишале бил акумулиран на почетокот на енергетската криза во 2021 г. кога за потребите на 4 фирми – трговци со струја, МЕПСО влечела електрична енергија од европската мрежа, се нотира во извештајот на Државниот завод за ревизија
Државниот завод за ревизија денеска објави извештај за финансиското работење и усогласеноста за 2021 година на АД МЕПСО. Меѓу клучните наоди е дека државната фирма им простила 14 од вкупно 15 милиони евра долг на трговци со електрична енергија кои западнаа во проблеми кога почна енергетската криза. Останатите, милион евра, биле наплатени.
Како воопшто се насобра долгот од 14 милиони евра?
Кога електричната енергија почна нагло да поскапува, во втората половина на 2021 година, неколку приватни фирми кои тргуваат со струја почнаа да имаат проблеми да ги снабдуваат со струја корисниците со кои имаа потпишано годишни договори. Проблемот, во суштина, е што големите компании кои купуваат струја на слободен пазар, ги прават зделките за цела година и по фиксна цена. Кога цената на електричната енергија, сред година, почна нагло да расте, многу трговци со електрична енергија се најдоа во небрано. Тие што немаа склучено долгорочни договори од производители за набавка на струја или, пак, производителите им ги откажаа тие договори, мораа да ја продаваат струјата поевтино отколку што ја купуваа на берза во тој момент.

Наместо да губат пари, некои фирми се одлучуја да ја (зло)употребат т.н. балансна енергија од системот на МЕПСО, која не е предвидена за снабдување на стопанството. Трговците сепак ја користеа таа струја бидејќи беше далеку поевтина од цената на берзите, додека МЕПСО позајмуваше од Европскиот енергетски систем. Штом европската заедница разбра што се случува, ја предупреди земјава дека ќе плаќа огромни пенали.
МЕПСО, според Ревизија, во еден момент ги раскинува договорите со четири компании трговци со електрична енергија, со што им ја ускратува можноста за користење на балансна енергија и практично ги исфрла од пазарот со струја. Но, долговите останале. Како резултат на приклучувањето и користењето на струјата од државната компанија, МЕПСО од овие компании побарува 15 милиони евра. Во ревизорскиот извештај се нотира дека:
„Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, Секторот за финансиски работи доставил барање до УО на АД МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со одлука на УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоците и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“,
пишува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите заклучуваат и дека исправката на вредноста е направена на долгови кои не биле постари од една година и дека нема релевантни докази за веројатноста на наплатливоста на побарувањата.
„Кон ова, истакнуваме дека три од фактурите доставени до двајца трговци со ЕЕ, со вкупна вредноста од 85 563 000 денари (околу 1,4 милиони евра), доспеваат за наплата на 8.3.2022 година, односно по датата кога е донесена Одлуката за резервирање на побарувањата“,
се вели во ревизорскиот извештај за АД МЕПСО.
Апанажа од една година и за еден месец работа
Покрај бришењето на долгот, во извешајот се нотира дека раководните лица на МЕПСО, т. е. директорите и членовите на Управниот одбор, имаат склучено менаџерски договори со кои им следува „апанажа“ во износ од просечната плата на МЕПСО (Просечната плата во МЕПСО според ревизорите изнесува 70 000 денари – месечно) во траење од 12 месеци по нивното заминување од функцијата, без разлика дали тие се вработени еден месец или повеќе години во Акционерското друштво. Со одлука која била донесена годинава, делумно се смениле критериумите, па така, за да добијат отпремнина, треба да бидат дел од раководството најмалку 6 месеци. Овие информации биле откриени од страна на ревизорите откако двајца поранешни функционери ја тужеле МЕПСО по овој основ, и како отшета на суд добиле околу 37 000 евра.
„Треба да се обрне внимание дека по основ истекување на мандатот на двајца поранешни членови на УО на АД МЕПСО Скопје во 2021 година, врз основа на тужбени барања заедно со камата и данок на доход исплатени се средства во износ од 2 300 000 денари (околу 37 000 евра) . Исто така и во 2021 и 2022 година во тек е судска постапка од поранешен генерален директор и претседател на УО по истиот основ, за главен долг во износ од 960 илјади денари (околу 15 600 евра)“,
стои во извештајот на ревизорите.
Ревизорите сметаат дека е потребно да се преиспита потребата од предвидување на право на отпремнина во менаџерските договори, имајќи предвид дека таа согласно законската регулатива се исплаќа единствено кај надоместоците од работен однос при заминување во пензија.
Двојно надмината границата за набавки без оглас
Иако според Законот за јавни набавки, договорните органи кои вршат секторски дејности во текот на годината можат да вршат набавки на стоки, услуги и работи без спроведување на постапка, при што вкупната вредноста на овие набавки во тековната година не смее да надмине 24 000 евра во денарска противвредност, ревизијата открива дека МЕПСО исплатиле 47 141 евра по овој основ, што претставува надминување на утврдениот праг за 23 141 евра.

Во извештајот на ревизорите се нотира и дека АД МЕПСО во 2015 г. добил заем за реконструкција на инфраструктура и објекти во износ од 37 милиони евра од ЕБОР, но, од овој заем се повлечени и искористени само 8% од парите, па затоа секоја година компанијата плаќа провизија во износ од 200 илјади евра за неповлечени пари. Како проблем за ревизорите се нотира и фактот што компанијата нема податоци со кои може да се утврди колку точно трафостаници и далноводи поседуваат.
Во прилично критичкиот извештај за работењето на МЕПСО во 2021 г., ревизорите забележуваат дека во екот на енергетската криза се нотирале недоследности и пропусти во работењето на државната компанија, со што се направени милионски загуби во буџетот на Северна Македонија.