Има голем број земји кои ги осудија нападите на Хамас. Очигледно, не сите. Веројатно можете да погодите кој е еден од нив без јас да кажам ништо, изјави високиот американски дипломат Роберт Вуд

На вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, САД и Израел повикаа на остра осуда на палестинските исламисти, кои владеат со блокираниот Појас Газа и започнаа ненадеен напад во саботата, а во борбите кои сè уште траат загинаа над 1 200 луѓе.
„Има голем број земји кои ги осудија нападите на Хамас. Очигледно, не сите. Веројатно можете да погодите кој е еден од нив без јас да кажам ништо“,
изјави високиот американски дипломат Роберт Вуд по седницата зад затворени врати.
Според дипломатите, на Советот за безбедност не се разгледувала никаква заедничка изјава ниту, пак, обврзувачка резолуција, затоа што, како што велат, членките предводени од Русија инсистираат на поширок фокус наместо само на осуда на Хамас.
„Мојата порака беше веднаш да се запрат борбите и да се оди на прекин на огнот и на значајни преговори, што со децении го кажува и Советот за безбедност. Ова е делумно резултат на нерешени прашања“,
рече Василиј Небензија, рускиот амбасадор во Обединетите нации.
Поддршка за заедничка изјава дал и кинескиот амбасадор Жанг Јун, според кого не е нормално Советот за безбедност да не каже ништо и кој вети кинеска поддршка за осуда на сите напади врз цивили.
Амбасадорот на Израел, Гилад Ердан, влегувајќи на седницата, покажал слики на израелски цивили кои се заробени од Хамас.
„Ова се воени злосторства, бесрамни, документирани воени злосторства. Ова е незамисливо, злосторство што мора да биде осудено. На Израел мора да му се даде цврста поддршка за да се одбраниме – да го браниме слободниот свет“,
рекол Ердан.
Постојаниот палестински претставник – кој ја претставува палестинската управа во центарот на Западниот Брег, а не ривалскиот Хамас – го повика Советот за безбедност да се фокусира на ставање крај на израелската окупација.