На состанокот на Грковска и Нухиу со бугарските вицепремиерка за добро владеење и министерка за правда, присуствувале и членовите и претседателката на ДКСК, која подетално ја презентирала работата на Антикорупциската комисија во земјава
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со бугарските вицепремиерка за добро владеење на Бугарија, Калина Константинова, и министерка за правда, Надежда Јорданова, на кој било презентирано македонското искуство околу формирањето независна и професионална Државна комисија за спречување на корупцијата.
На состанокот, во хибриден формат, присуствувале и македонскиот заменик-министер за правда, Агим Нухиу, како и членовите и претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, која подетално ја презентирала работата на Антикорупциската комисија.
Грковска, како што се соопштува, оценила дека овој состанок е дел од соработката со Бугарија, во рамки на Работната група за европска интеграција и зелени политики, која нуди одлична можност двете земји да ги разменат позитивните искуства во одредени области.
„Овој состанок произлезе од разговорот што го имав со министерката Јорданова, која покажа интерес да се запознае поблиску со нашето позитивно искуство околу формирањето и обезбедувањето на независност на Државната комисија за спречување на корупцијата, со оглед на тоа што Бугарија се соочува со предизвици на ова поле“,
истакнала Грковска, како што се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.
Министерката Јорданова нагласила дека бугарската Влада во моментов работи на нова законска регулатива со цел да се зајакне антикорупциската борба, бидејќи во моментов институционалната поставеност не дава конкретни резултати.
„Работиме на ново законодавство за да се засили антикорупциската комисија, со што ќе се зајакне борбата против корупцијата и затоа е добро да го слушнеме искуството на Северна Македонија во овој сегмент“,
нагласила Јорданова.
Заменик-министерот Нухиу истакнал дека со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси од јануари 2019 година се зајакнати критериумите за избор на составот на ДКСК, утврден е транспарентен процес на селекција и избор на членови на Комисијата, а инкорпорирани се и други препораки добиени од домашни и меѓународни експерти.
Претседателката на ДКСК Ивановска нагласила дека се обезбедени услови за независна, професионална Антикорупциска комисија со зголемени надлежности.
„Значајно е што со новата законска регулатива ДКСК има директен пристап до бази на податоци што ги имаат и одржуваат други органи. Нашата работа е јавна, нашите седници се јавни и граѓаните имаат директен увид во предметите што ги работиме. Работиме и на целосна примена на законот за заштита на укажувачите, како еден од клучните закони во борбата против корупцијата“,
рекла Ивановска и нагласила дека има одлична соработк Грковска и со Владата воопшто.
Во рамки на дискусијата, се посочува во соопштението, тимовите на двете држави размениле мислење и во делот на законската регулатива за конфискација и потекло на имот, проверка на интегритетот, односно ветингот, контролата на имотот, како и за други прашања кои се во интерес на зајакнување на антикорупциските политики и пракси.