„Се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии и јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ“, прашуваат од оваа коалиција
Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на седниците одржани на 24 и 29 месецов назначија членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Но, наместо тоа да бидат судии и јавни обвинители, обата совета одлучија во УО на АСЈО да постават свои членови, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење.
Посочуваат дека ваквото постапување на Судскиот и Советот на јавните обвинители претставува сериозен ризик од корупција и судир на интереси.
„Членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член од орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал“,
се вели во соопштението од коалицијата.
Напоменуваат дека членовите на Судскиот и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица, што значи дека не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
„За ова правно прашање, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повикувајќи се на овој член од Законот, во 2022 година има дадено упатство за постапување во кое е наведено дека постои судир на интерес токму во ваквите ситуации кога членовите на Судскиот и Советот на јавните обвинители извршуваат и други јавни функции“,
велат од „Сите за правично судење“.
Судир на интереси се јавува и поради тоа што Управниот одбор на Академијата има надлежност да одлучува по жалба, односно по приговор на кандидатите на одлуките на приемната и Завршната комисија во во Академијата, што ги изготвуваат конечните ранг-листи на слушатели и на кандидати за судии и јавни обвинители.
Тоа значи дека Судскиот и Советот на јавни обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати во секој од поставените филтри, како прием на Академијата, завршување на почетната обука, како и за нивен конечен избор ако судии и јавни обвинители.
„Се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на советите за избор на тие кандидати за судии и јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ“,
прашуваат од оваа коалиција.
Ваквиот начин на постапување, предупредуваат од „Сите за правично судење“, од страна на двата севета е спротивен со дадените препораки на Оценската мисија на ЕУ.
Согласно со членот 9 од Законот за Академија на судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата, двајца членови се назначуваат од страна на Судскиот совет од редот на судиите, а двајцата од редот на јавните обвинители од страна на Советот на јавните обвинители.
Советот на јавни обвинители денеска одлучи да ги назначи Душица Димитриеска и Башким Бесими за членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а за заменик-членови се номинирани Татјана Кацарова и Теута Рамадани.