На средбите со македонскиот државен врв се разговарало и за можност за воспоставување директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, како и за отворање катедра за изучување на босанскиот јазик во С Македонија
За интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу С Македонија и Босна и Херцеговина разговарале денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски и членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, кој престојува во посета на земјава. Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, соговорниците заклучиле, меѓу другото, дека економската соработка меѓу двете земји заостанува зад добрите политички односи.

Соговорниците на средбата оцениле дека двете држави имаат пријателски билатерални односи, без отворени прашања. Изразувајќи подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, Пендаровски и Џаферовиќ разговарале за можноста за воспоставување директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, како и за можноста за отворање катедра за изучување на босанскиот јазик во С Македонија.
На средбата биле разменети мислења во однос на европските аспирации на двете држави. Пендаровски ја реафирмирал поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ. Исто така, Пендаровски изразил и подготвеност за споделување искуства во однос на НАТО-интеграцискиот процес, а биле разменети мислења и за актуелните состојби во регионот.
На средбата на Џаферовиќ со премиерот Зоран Заев, исто така, било заклучено дека С македонија и БиХ имаат многу блиски врски од минатото, но и определби за заедничка иднина.

Заев и Џаферовиќ, како што соопштија од Владата, нагласиле дека двете земји ги поврзуваат и заедничките интереси и вредности, како членството во НАТО и во ЕУ. Во таа насока, Заев рекол дека С Македонија е подготвена да го сподели со БиХ искуството од пристапниот процес во НАТО.
Според Заев, од посебно значење е што оваа посета се остварува на Меѓународниот ден на Бошњаците. Тој го информирал Џаферовиќ дека доаѓа од увидот од последната фаза на изградбата на мостот „Цвет на Сребреница“, кој и симболички и реално поврзува две населени места во нашата земја во кои доминантно живеат нашите сонародници од бошњачката заедница заедно со припадници на други заедници од македонската, албанската и други заедници.
Најавена е и средба на Џаферовиќ со претседателот на парламентот Талат Џафери.