МНР апелира вакви приватни и лични акти да не се ставаат во политички и идеолошки контекст
Покрај тоа што истрагата утврдила дека замената на плочата била направена од член на семејството на војводата Скочивирчето, констатирано е и дека надгробната плоча не потпаѓа на ниту еден статус на заштитено културно обележје или природна реткост, туку се работи за приватен гроб и надгробна плоча
Член на семејството на војводата Велко Скочивирчето, во договор со црковниот одбор на црквата „Архангел Михаил“ во прилепското село Клепач, на своја иницијатива и ангажман, ја извршил замената на надгробната плоча, при што самоволно одлучил да ја смени содржината и јазикот, информираше Министерството за надворешни работи откако пред неколку дена Бугарија ни врачи протестна нота и обвини дека замената на историските артефакти е акт на уништување на автентичното културно наследство и обид за менување на историјата.
Оттука од МНР апелираат вакви приватни и лични акти да не се ставаат во политички и идеолошки контекст.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија упатува апел на ваквите лични и приватни акти да не им се ставаат политички и идеолошки насоки, кои, пак, потоа ги оптоваруваат напорите на двете држави за унапредување на меѓусебните односи, ја нарушуваат меѓусебната доверба и го отежнуваат напредокот на добрососедските односи. За процесот на изнаоѓање заедничко решение во насока на деблокирање на процесот на интеграцијата во Европската Унија, двете страни искажуваат јасна волја и решителност за соработка, и ваквите лични и поединечни случаи не треба да ги загрозат овие напори“,
велат од МНР.
Од Министерството објаснуваат дека во врска со менувањето на надгробната плоча на војводата Велко Скочивирчето и осум негови соборци од 1904 година, на која и бугарскиот јазик беше заменет со македонски, била спроведена истрага во кој учествувале Управата за заштита на културното наследство, МВР и јавното обвинителството. Покрај тоа што истрагата утврдила дека замената на плочата била направена од член на семејството на војводата Скочивирчето, констатирано е и дека надгробната плоча не потпаѓа на ниту еден статус на заштитено културно обележје или природна реткост, туку дека се работи за приватен гроб и надгробна плоча.