И министерот и директорката на Управата за заштита на културно наследство му се заблагодарија на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, оти се одзвал на нивното барање за средување на Калето откако тоа не го сториле од Град Скопје
На Скопското кале денеска започна акција за средување на вегетацијата оти просторот подолго време е обраснат со висока и сува трева.
На прес-конференција од местото, утрово министерот за култура и туризам Зоран Љутков кажа дека заедно со Управата за заштита на културното наследство испратиле неколку дописи до Град Скопје и „Паркови и зеленило“ за да се исчисти Калето, но одговор не добиле. Во пресрет им излегол претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Не добивме никаков одговор и затоа се обративме до ЗЕЛС и сакам да му се заблагодарувам на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и на сите градоначалници што се овде бидејќи ја прифатија иницијативата и се реагираше во истиот момент“,
изјави Љутков, придружуван од градоначалниците на Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Наскоро ќе почне и обновување на двата музеи кои се наоѓаат на тврдината. Министерот Љутков кажа дека музеите се во многу лоша ситуација, па затоа ќе треба комплетно обновување на целата механизација и климатизација. Инвестицијата ќе чини 130 000 евра.
„Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме 8 милиони денари којшто ќе бидат искористени до крајот на годината, веднаш ќе пристапиме со распишување на јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект којшто ќе треба веќе во 2026 да биде пуштен во употреба. Целта е, 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените“,
рече тој.
Директорката на Управа за заштита на културно наследство, Весела Честоева, информира дека Управата веќе ја подготвила техничката спецификација.
„Ќе го распишеме тендерот за да може да се влезе и да се отпочне со работа. Управата за заштита на културно наследство во изминатиот период во неколку обиди проба да стапи во контакт со Градот Скопје, со ЈП паркови и зеленило. За жал, неуспешно. Затоа како Управа инициравме до ЗЕЛС, до Орце Ѓоргиевски и наидовме веднаш на одговор и по тој повод е и денешната акција која што е дел од планот за ревитализација на скопската тврдина Кале“,
кажа Честоева.
Ѓорѓиевски, пак, посочи дека преку практични примери како овој, треба да се чува она што е наследство, но и симбол на градот. Тој ја искористи можноста да спомене и дека по локалните избори, Калето, но и сите други објекти во Градот Скопје што се историски симбол во градот ќе имаат посебен третман. Останатите градоначалници со селфи на социјалните мрежи го одбележаа настанот.
Ѓорѓиевски е потврден кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. И во Аеродром, Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров во изборната трка влегуваат актуелните градоначалници. Локалните избори треба да се одржат наесен, но сè уште не се распишани, ниту пак официјално е започната кампањата.