Десничарот Каст, кој ја брани воената диктатура на Пиноче, рече дека ако тој е жив на изборите ќе гласа за него. Бориќ, пак, го нарече противкандидатот „наследник на пиночетизмот“, а голем број од Чилеанците кои важат за негови поддржувачи, излегоа на улиците на главниот град Сантијаго да прослават за смртта на сопругата на Пиноче која почина во пресрет на вториот круг од изборите

Во Чиле денеска се одржува вториот круг од претседателските избори, обележани со поларизирана кампања на двајца водечки кандидати, од кои едниот е претставник на десницата – Хозе Антонио Каст (55), а другиот е Габриел Бориќ (35), поранешен лидер на студентските протести од редовите на левицата, кој има хрватски корени.
Каст и Бориќ влегоа во вториот круг откако во првиот на 21 ноември имаше вкупно седум кандидати.
Во првиот Каст како кандидат на екстремно десничарската партија Христијанско-социјален фронт, освои најмногу гласови, но не успеа да го обезбеди потребното мнозинство од повеќе од 50 отсто од гласовите. Тој е актуелен пратеник, а во минатото ја бранеше поранешната воена диктатура. Неговиот главен ривал Бориќ од левичарската коалиција во јавноста е познат и како „чилеанскиот Че Гевара“, а на Чилеанците им ветува даночна реформа и поголеми работнички права. Доколку тој победи, ќе стане најмладиот претседател во модерната историја на Чиле.
Во пресрет на вториот круг, рејтингот на двајцата кандидати е речиси изедначен.
Колку на овие избори гласачите се поделени поради екстремно спротивставените ставови на двата табора, говорат и изјавите на кандидати поврзани со чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче.
Десничарот Каст, кој ја брани воената диктатура на Пиноче, рече дека ако тој е жив на изборите ќе гласа за него. Бориќ, пак, го нарече противкандидатот „наследник на пиночетизмот“, а голем број од Чилеанците кои важат за негови поддржувачи, излегоа на улиците на главниот град Сантијаго да прослават за смртта на сопругата на Пиноче која почина во пресрет на вториот круг од изборите.