Вкупно 26 лица се хоспитализирани со полесни повреди

Четири лица се загинати во пожар во десеткатница во францускиот град Ремс, за кој се претпоставува дека избувнал поради дефект на батеријата од електричен тротинет, соопштија локалните власти.
Пожарот настанал на четвртиот кат од зградата, а во станот живееле 34-годишен маж и двајца тинејџери на возраст од 13 и 15 години.
Тринаесетгодишното момче загинало откако скокнало од прозорецот, а во истиот стан било пронајдено изгорено тело, за кое се претпоставува дека е на неговиот 15-годишен брат, изјави обвинителот на Ремс.
Осумдесет и седумгодишна жена и нејзиниот 59-годишен син, кои живееле на осмиот кат, се задушиле од чадот. Тешко се повредени уште две лица, меѓу кои и очувот на загинатите деца, кој има сериозни изгореници. Вкупно 26 лица се хоспитализирани со полесни повреди.
Обвинителот вели дека „нема сомнеж“ дека пожарот избувнал ненамерно, поради електричен тротинет кој се запалил од засега непозната причина.
„Пожарите предизвикани од батерии се исклучително тешки за гаснење бидејќи ќелиите имаат тенденција да се самоодржуваат кога горат, што го објаснува брзото ширење на пожарот“,
нагласи тој додавајќи дека пожарникарите се бореле со огнот повеќе од три часа.