Полицијата во Вашингтон објави дека четири лица загинале за време на вчерашниот упад на приврзаниците на Доналд Трамп во Конгресот. Покрај жената што беше застрелана во зградата на Конгресот, полицијата соопшти дека другите три лица починале поради „итни медицински состојби“.
Досега се приведени 53 лица, од кои 47 поради кршење на полицискиот час, кој вчера беше воведен во Вашингтон и трае од 18 до шест часот наутро.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс го осуди насилството на Твитер.
„Најстрого го осудувам насилството што се случи и тагуваме поради загубените животи, како и поради повредите на тие што го бранеа Капитол. Мирен протест е право на секој Американец, но овој напад на Капитол нема да го толерираме. Тие што учествуваа најстрого ќе бидат санкционирани во согласност со законот“,
посочи Пенс.
Помали протести на приврзаниците на Трамп синоќа се одржаа и во голем број американски градови, меѓу кои Салем, Орегон, Аталанта и Денвер.