За пациентите што остануваат на лекување, од прес-центарот на болницата велат дека тие се во тешка, но стабилна состојба и оти се на интензивна нега. Оттаму додаваат дека во тек се многубројни интервенции за нивно заздравување

Четворица од повредните во пожарот во Кочани што беа на лекување во софиската болница „Пирогов“ денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Маја Аргирова, раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата, вели дека сите четворица пациенти се во добра состојба.
„Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“,
вели Аргирова во изјава за бугарската новинска агенција БТА.
Од болницата „Пирогов“ велат дека кај нив остануваат на лекување уште четворица пациенти кои се пренесени по пожарот во Кочани.
За пациентите што остануваат на лекување, од прес-центарот на болницата велат дека тие се во тешка, но стабилна состојба и оти се на интензивна нега. Оттаму додаваат дека во тек се многубројни интервенции за нивно заздравување.
По пожарот што на 16 март во раните утрински часови избувна во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во Бугарија беа пренесени 15 пациенти. Осум пациенти беа хоспитализирани во „Пирогов“, болница која го има еден од поголемите центри за третирање изгореници во регионот.
Директорот на клиниката д-р Валентин Димитров во интервју за „360 степени“ рече дека сите пациенти во „Пирогов“ биле примени на реанимација во Клиниката за изгореници и пластична хирургија, со исклучок на едно дете кое било на реанимација во детското одделение. Тој тогаш потврди дека едно лице е испишано на домашно лекување, а кај другите пациенти се борат со второстепените повреди и проблеми кои се манифестираат како општа инфекција, инфекција на дишните патишта.