Палестинското Министерство за здравство соопшти дека првиот напад врз болницата се случил утрово на четвртиот кат од медицинскиот комплекс „Насер“, по што набргу потоа следувал и втор напад во кој биле погодени екипите на брзата помош и службите за итни случаи
Четворица новинари од различни светски медиуми се меѓу загинатите во нападот што денеска го изврши израелската армија врз болница во јужниот дел од Појасот Газа, пренесува Би-би-си.
Меѓу убиените се новинари од телевизиската мрежа Ал Џезира и агенциите Ројтерс и Асошиејтед прес (АП).

Убиени се Мохамед Салама, репортер на Ал Џезира, Хусам Ал-Масри, новинар за Ројтерс и Маријам Абу Дага, која работела со Асошиејтед прес и други медиуми за време на војната. Убиен е и Моат Абу Таха, новинар на слободна пракса. Фотографот Хатем Налед е ранет.
Според тамошното Министерство за здравство, 19 лица се убиени во нападот врз болницата „Насер“ во градот Кан Јунис.
Организацијата за цивилна заштита на Газа изјави дека еден од нивните членови е исто така убиен во нападот.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека првиот напад врз болницата се случил утрово на четвртиот кат од медицинскиот комплекс „Насер“, по што набргу потоа следувал и втор напад во кој биле погодени екипите на брзата помош и службите за итни случаи.
Од видеото објавено на социјалната мрежа Икс се гледа како вработените од болницата се обидуваат да поминат по оштетените скали додека вториот удар ја погодува зградата.
🚨Civil defense teams were targeted by an Israeli airstrike during a live broadcast on Al-Ghad TV, the attack was the second on Nasser Hospital, killing journalist , Reuters photographer Hossam Al-Masry and others. pic.twitter.com/uy8Dk2PEAq
— Inés El-Hajj|Stories from Palestine 🇵🇸 (@InesElhajj) August 25, 2025
Пред две недели шест новинари, вклучувајќи четворица од Ал Џезира се убиени во израелски напад во близина на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа.
Канцеларијата за човекови права на ОН го осуди тој напад, нарекувајќи го тешко кршење на меѓународното право.
Од почетокот на војната со Израел во октомври 2023 година, повеќе од 190 новинари се убиени во Појасот Газа.
Израел им забрани на странските медиуми пристап до погодените области, принудувајќи ги новинските агенции да се потпрат на палестинските новинари во Газа, кои исто така се соочуваат со недостиг на храна и лекови.