Наспроти нивните колеги кои прават годишни профити од повеќе десетици илјади евра, четворица извршители минатата година ја завршиле во минус. Вкупната загуба кај четворицата загубари изнесувала 12 630 евра
Додека некои од нивните колеги прават годишни профити од над 100 илјади евра или повеќе десетици илјади евра, четворица извршители минатата година ја завршиле во минус, објави порталот „Пари“. Станува збор за Александра Заринска-Дуровска, Роза Родиќ, Горан Манојлов и Игор Антевски.
Порталот веќе објави какви добивки имаат 10 извршители со најголем профит во 2021 година. Станува збор за годишни нето-добивки од 78 000 евра до над 130 000 евра. Во целиот сектор, односно кај сите 95 извршители кои имале добивки, завршиле 3,4 милиони евра профит.
Наспроти нив, кај четворицата загубари вкупната загуба изнесувала 12 630 евра.
Извршители-загубари во 2021 година

Извор: Комора на извршители
Тројца од загубарите се од Скопје
Иако од Комората на извршители се пожалија дека особено во помалите градови има извршители кои не можат да работат рентабилно, податоците покажуваат дека тројца од четворицата загубари се од Скопје.
Извршителката Александра Заринска-Дуровска е од Скопје. Но, таа во овој бизнис влегла на први септември минатата година.
И извршителката Роза Родиќ е од Скопје. Таа се кандидираше и за претседателка на Комората на извршители, но местото го доби сегашниот претседател Ванчо Марковски.
Скопски извршител е и Игор Антевски, а само извршителот Горан Манојлов е од Кочани.
Порталот „Пари“ вчера ја објави листата од десетте најпрофитни извршители во 2021 година. Листата ја предводи извршителката Катерина Кокина од Скопје којашто за една година, односно во текот на 2021 година успеала да направи добивка од речиси 130 илјади евра. Кокина своевремено била најмлад извршител, именувана на 29 години, а како извршител работи 11 години.