Николоски, објавувајќи видео од ноќно возење по овој дел од автопатот, упати честитки до работниците што се посветиле на неговата изградба

Четириесет километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Николоски, објавувајќи видео од ноќно возење по овој дел од автопатот, упати честитки до работниците што се посветиле на неговата изградба.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. Четириесет километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ“,
напиша Николоски на Фејсбук.
Министерот Николоски, минатиот месец, при увид на работите на автопатот Охрид-Кичево, рече дека се изведуваат сложени инженерски и градежни зафати и ова за прв пат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем.
„Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”,
истакна Николоски.
Во септември минатата година беше пуштена за сообраќај втората делница од автопатот од Кичево до Охрид во должина од 17 километри. Николоски тогаш рече дека за два месеци се сработени 34 километри и оти очекува наскоро да се заврши и клучката кај Требениште.
„Овој автопат треба да се надоврзе на автопатот кој ќе оди од Букојчани до Кичево, за што има активна постапка за избор на изведувач, и од Букојчани до Гостивар активно се работи и очекувам крајот на 2028, почеток на 2029 година да имаме целокупно автопатско решение кои ќе оди од Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево – Струга и Охрид“,
рече тогаш Николоски.
Претходно во јули беа пуштени во употреба 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, и тоа од селото Врбјани кон Охрид.
Изградбата на автопатот Кичево – Охрид започна во февруари 2014 година, а го изведува кинеската компанија „Синохидро“. Должината на трасата е 57 километри, а вредноста на првичниот договор беше 373 милиони евра. Првичниот рок за изградба беше јуни 2018 година, но неколкупати беше одложуван поради сериозни инженерски, правни и административни проблеми.
